Во моментов се преговара за дата центрите со пет-шест потенцијални инвеститори, од кои една е голема мултинационална компанија, обелодени денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Ветува дека целиот процес ќе биде транспарентен и дека нема ништо да се крие од јавноста.
Обвинувањата од опозицијата за дата центрите ги нарече тотална невистина и незнаење од страна на луѓе кои имаат политичка тежина и водат политички партии.
Нема да навлегувам во суштината затоа што не заслужуваат суштински одговор на техничко ниво бидејќи манифестираат тотално непознавање. Замислете да не е вештачката интелигенција или податочните центрите како би изгледал денеска БДП да речеме на САД, зарем Nvidia, Amazon, SpaceX, OpenAI, мултинационални глобални компании чиишто брендови тежат трилиони би постоеле денеска ако на било каков начин тие ги доведуваат квалитетот на граѓаните под знак прашање. Така што апсолутно остануваме на таа стратегија како влада, овие впрочем проекти се во таа насока да преку гас се изградат гасни централи кои ќе произведуваат електрична енергија која што подоцна ќе се користи во овие дата центри, рече Мицкоски.
За проектот за дата центар во Пехчево за што вчера негативно се изјасни Советот на општината, Мицкоски го повтори ставот на градоначалникот дека проектот е приватна иницијатива и дека таму државата нема ништо.
Кога државата ќе прави или учествува за изградба на таков објект јавно транспарентно ќе каже пред граѓаните, рече Мицкоски.

