Вчерашниот ден го одбележаа повеќе значајни средби во Конгресот на САД. Ова на Фејсбук денеска го напиша премиерот Христијан Мицкоски.
-Разговори за зајакнување на македонско-американското партнерство, продлабочување на соработката и отворање нови можности за уште посилни односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, напиша тој.
Мицкоски во објавата додава дека посветеноста кон унапредување на партнерството, почитувањето на заедничките вредности и градењето стабилни односи остануваат важен темел за идната соработка.
Освен со конгресменката републиканка Тени, Мицкоски се сретнал и со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД.

-На средбата разговаравме за значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, за заедничките интереси и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката во областите од значење за нашите две држави – додава премиерот во објавата.
Мицкоски, во рамки на посетата на САД, ќе учествува и на годинашното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

– Во Њујорк, на маргините на годинашното Генерално собрание на ОН, ќе се сретнам со голем број државници. Имаме веќе потврдени средби. Во принцип се ориентиравме на соседството, се разбира, тука е оној прием, нормално, од страна на претседателот на Соединетите Американски Држави. Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски. Инаку, што се однесува на состанок со бугарската делегација, до овој момент немаме во план таква средба – рече премиерот во интервјуто во понеделникот за Националниот сервис.

