Мозаици и реплики од Плаошник и од фреска од црквата „Св. Софија“ во Охрид ќе ги пречекуваат посетителите кои ќе доаѓаат на Охридскиот аеродром кој со 2,7 милиони евра е реконструиран.
Со инвестицијата на ТАВ Македонија кој стопанисува со двата аеродроми во земјава, аеродромот во Охрид добива поголеми и посовремени простори за патниците, подобри услови за вработените и поголем оперативен капацитет.

Реновирани и адаптирани се 3.364 м² од терминалната зграда, проширени се зоните за пријавување, безбедносна и пасошка контрола, гејтовите, просторот за преземањето багаж, како и просторите за пристигнување и заминување. Паралелно, проширена е и административната зграда, со нови и подобрени услови за вработените, Граничната полиција и Царината.
Со оваа инвестиција, од ТАВ очекуваат повеќе патници, повеќе можности и уште посилна поврзаност на Охрид и регионот со Европа и светот.

