Кога земјите кандидати постигнуваат напредок и се целосно усогласени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, тој напредок мора да биде видлив. Потребна е политичка волја и стратешка одлука дека проширувањето е во интерес на Европа, порача од Блед шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.
Вистинска пресвртница би било неколку земји од регионот да станат членки на Европската Унија. Тоа би било доказ дека термините ‘моментум’ и ‘прозорец на можности’, кои ги слушаме веќе неколку години, конечно се целосно разбрани и сфатени, нагласи Муцунски.
Посочи дека од Брисел доаѓаат охрабрувачки сигнали за нов пристап кон политиката на проширување и нејзино приспособување кон актуелниот геополитички контекст.
Нашето барање е јасно – европската интеграција да биде модел за трансформација на нашите институции, а не обид за трансформација на нашите идентитети. Оценувајте нè врз основа на заслугите и според тоа дали, во време на геополитички превирања, сме усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, порача Муцунски.
Муцунски го истакна и примерот на Словенија и Хрватска како земји кои, и покрај предизвиците во минатото, денес имаат силни односи и можат да претставуваат важен пример и поддршка за земјите од Западен Балкан во градењето посилна регионална соработка и стратешка отпорност.

