Најмалку 19 лица се повредени синоќа при судир на минибус со воз во близина на влезот во тунелот под Ламанш кај францускиот град Кале.
„Во несреќата учествуваше минибус со возачи на камиони кои се подготвуваа да се качат на транспортен воз. Инцидентот се случи на утоварната рампа во комплексот на Евротунелот“, соопшти Префектурата на Па-де-Кале во објава на социјалните мрежи.
Во соопштението се посочува дека две лица се посерионо повредени, но никој не е во животна опасност, како и дека железничкиот сообраќај сепак не бил прекинат.
Двајцата посериозно повредени патници на минибусот биле префрлени со хеликоптер во болница во Лил, додека останатите повредени се пренесени во болници во регионот.
Несреќата се случила околу 19:30 часот во близина на влезот во Евротунелот кај местото Кокел во близина на Кале.
Засега сè уште не е јасно како точно дошло до несреќата. Според првичните сознанија, минибусот стигнал на перонот и удрил во товарен воз што стоел.

