Најмалку 30 лица загинаа, а 15 други се повредени во тешка сообраќајна несреќа на прометна обиколница кај египетскиот главен град Каиро.
Како што соопшти полицијата несреќата се случила над тунел во предградието Гиза, кога камион-цистерна полн со нафта се превртел и се запалил, по што пожарот зафатил и неколку други возила.
Според сведоштва на социјалните мрежи, дошло до силна експлозија, а на снимките се гледа како пожарот се шири на голема површина.
Според локалните медиуми, пожарот е ставен под контрола.
Министерството за здравство информира дека билансот од најмалку 30 загинати би можел дополнително да се зголеми.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси изрази сочувство до семејствата на жртвите.

