Пет лица се уапсени денеска под сомнеж за „прекршување на законите поврзани со експлозиви“ во британската воздухопловна база „РАФ Ферфорд“, што се наоѓа во место Велфорд во западна Англија.
Како што јавија британските медиуми, неколку локални жители се евакуирани од своите домови и се упатени кон објектите на блискиот рекреативен центар, а полициски службеници вршат претрес на возила. Околу базата, каде се стационирани припадници на американската војска, е воспоставен безбедносен коридор.
Според локалните власти, станува збор за „сериозен инцидент“, иако полицијата тврди дека ситуацијата „во моментов е под контрола“.
Медиумите посочуваат дека засега е нејасно како уапсените мажи ги прекршиле британските закони за експлозиви, односно дали кај нив бил пронајден експлозив, дали тие го изработувале или го имале скриено во близина.
„Специјализираниот тим на војската за експлозиви моментално врши проверка на разни возила во околината. Тесно соработуваме со нашите партнери и постапуваме според внимателно подготвен план“, соопшти полицијата на регионот Глостершир.
Важна база за Американците
Воздухопловната база „РАФ Ферфорд“ е отворена во 1944 година и оттогаш игра важна улога во разни воени мисии. Меѓу другото, таа била користена за време на операцијата „Маркет Гарден“, сојузничка офанзива за ослободување на Холандија од нацистите на крајот од Втората светска војна.

„РАФ Ферфорд“ ја користи 501-от Винг за борбена поддршка на Военото воздухопловство на САД, а таму може да слетуваат и полетуваат тешки бомбардери, како што се „Б-1Б Лансер“, „Б-2А Спирит“ и „Б-52Х Стратофортрес“.
Американските сили ја користат базата и за мисии и вежби во Европа, Африка и на Блискиот Исток.
Британската Влада даде дозвола за полетување на авиони од базата „РАФ Ферфорд“ кон Блискиот Исток за да учествуваат во американските напади врз Иран.
Властите во Техеран тогаш посочија дека поради ова базата „РАФ Ферфорд“ претставува легитимна цел за напади, но засега не е познато дали актуелниот „сериозен инцидент“ има каква и да било поврзаност со Иран.

