Обвинителен предлог против две физички и две правни лица е покренат за тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа.
Првообвинетиот како инвеститор градел зграда, но иако објектот се уште бил во градба, не презел заштитни мерки – лифтовското окно во објектот не го заштитил со заштитна ограда, градилиштето не го одржувал во уредна состојба без непотребен шут и отпадоци, влезот во зградата не го обезбедил за да не влегуваат неовластени лица, а на скалите не поставил огради за да се спречат несакани падови.
На 12 јануари, во утринските часови, во зградата влегле четворица работници ангажирани од второто обвинетото правно лице кои заедно носеле дел од мебел. Кога пристигнале на четвртиот кат во зградата во градба, еден од работниците со ногата се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал во окното – отворот во зградата за лифт се до подрумските простории. Од падот се здобил со многу тешки телесни повреди и починал на лице место.
Со обвинението е опфатено и правното лице кое ги ангажирало работниците и неговиот управител, бидејќи свесно не се придржувале кон законот за работни односи и кон мерките за заштита при работа.
Сега починатиот работник Кристијан Љушев го ангажирале без договор за вработување, во целосно непријавен работен однос. Дозволиле оштетениот да извршува работни задачи како помошник монтер без да помине основна обука за безбедност и здравје при работа, без здравствен преглед и на работникот не му дале упатства за работа во специфични услови за работа и при сериозен и зголемен ризик по безбедноста и здравјето на работниците.
Без увид и проценка на работната средина работниците работеле врз основа на устен работен налог од управителот во работен простор – зграда во изградба, каде постоела зголемена опасности ризик по нивната безбедност. Со ваквото непридржување на прописите за мерките за заштита обвинетиот го изложил и предизвикал опасност по животот на работникот.

