Досега речиси ништо не е договорено во врска со следната повеќегодишна буџетска рамка на Европската Унијата за периодот 2028-2034 година, освен дека договор мора да се постигне до крајот на годината, посочува бриселски „Еурактив“.
Порталот поосчува дека требата за итност досега главно доаѓаше поради Франција. Европските влади сакаа договорот да биде цврсто утврден пред претседателските избори во земјата следната пролет и пред можноста за победа на Марин Ле Пен. Но, сега вниманието се префрла кон исток, додека земјите членки на ЕУ следат како слабее политичката позиција на германскиот канцелар Фридрих Мерц во татковината.
„Уште еден викенд со катастрофални резултати на покраинските избори за демохристијаните на германскиот канцелар, при што екстремната десница бележи раст во уште две покраини по убедливата победа во Саксонија-Анхалт две недели претходно, дополнително го стесни неговиот простор за маневрирање“, оценува „Еурактив“.
Мерц важи за најголем застапник за буџетско штедење и Германија ја предводи групата од шест земји познати како „штедливи“, кои бараат кратења од „неколку стотици милијарди евра“ во следната буџетска рамка од два трилиони евра, што ја предложи Европската комисија.
Со оглед на новите покраински избори следната година и притисокот од екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД), во Брисел расте загриженоста дека Мерц е турнат во позиција од која постигнувањето компромис може да стане политички невозможно.
Германија е најголемиот контрибутор во буџетот на ЕУ, но како што Мерц ја губи поддршката, а националистичката и евроскептична АФД е во подем, дипломатите во Брисел стравуваат дека тој нема да може да се спротивстави од барањата за ограничување на уплатите на Берлин во касата на Унијата.

„Тој сега е притиснат во ќош поради подемот на екстремната десница“, изјави европски дипломат за „Еурактив“, одразувајќи ја загриженоста што се шири низ земјите членки на ЕУ. „Германската економија стагнира од 2023 година, додека Мерц зазема цврсти ставови, барајќи кратења и до 20 отсто во однос на првичните предлози на Комисијата“, додава дипломатот.
Мерц синоќа одржа итен состанок со членови на неговата Христијанско демократска унија (ЦДУ), откако прелиминарните резултати во Мекленбург-Западна Померанија покажаа дека партијата освоила 4,9 отсто од гласовите со што не го минува изборниот праг за влез во покраинскиот парламент, остварувајќи најлош резултат на кои било избори по Втората светска војна. Во исто време, ЦДУ падна на второто место во Берлин.
„Ова е катастрофа“, изјави Мерц синоќа кога почнаа да пристигнуваат резултатите од покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија и Берлин.
Во четврток се очекува Мерц да се сретне со премиерите на германските сојузни покраини за да разговараат, како што е најавено, за „европскиот буџет, со цел тој и понатаму ќе ги задоволува потребите што ги имаме“.
„Малкумина се тие што очекуваат дека средбата ќе доведе до радикална промена на ставот или до ублажување на одбивањето на Мерц за зголемување на придонесите што кон ЕУ ги плаќаат германските даночни обврзници“, наведува „Еурактив“.
Мерц: Нема предавање
По тешкиот пораз на изборите на ЦДУ во три покраини во рок од само две недели, при што загуби околу 10 процентни поени во Берлин, 8 во Мекленбург-Западна Померанија и дури 20 во Саксонија-Анхалт, Мерц синоќа изјави дека неговата Влада ќе продолжи со досегашната политика и спроведување на реформите без оглед на политичките последици.

„Реформите мора да се спроведат“, рече Мерц во телевизиското обраќање, по изборите на кои екстрмено десничарската АФД и екстремно левичарската Левица, кои се противат на неговата реформска агенда, забележаа најголем раст на гласовите.
Мерц истакна дека реформите се „противотров за авторитарниот отров“ што сè подлабоко навлегува во германското општество.
„Ја преземам оваа одговорност, бидејќи сакам да ја придвижам нашата земја напред“, додаде тој.
Мерц, кој е најнепопуларниот германски канцелар во речиси 30-годишната историја на следење на јавното мислење од страна на јавниот сервис АРД, во последните недели изгледа сè поранливо, оценува „Еурактив“, додавајќи дека сепак тој досега успеа да се справи со сите непосредни предизвици за неговото лидерство.
„Она што треба да се направи сега бара цврстина, постојаност и трпение. Јас ќе го вложам тоа како претседател на партијата ЦДУ и, пред сè, како канцелар на нашата земја“, истакна синоќа Мерц.

