Папата Лав Четиринаесетти во следните четири дена официјално ќе престојува во државна посета на Франција, но секој што ќе ја прочита програмата веднаш ќе сфати дека станува збор за нешто друго, оценуваат француските медиуми.
Според нив, тоа не е „дипломатски танц, туку соло-настап“, при што папата доаѓа во Франција под негови услови, не дозволувајќи му на францускиот претседател Емануел Макрон да одредува како ќе изгледа посетата.
Во анализите се проценува дека ова донекаде потсетува на посетата на папат на Шпанија во јуни, која исто како и Франција за само неколку децении се трансформираше од католичка нација во секуларно општество.
„Посетата на Шпанија беше повеќе или помалку триумфален марш. За Лав, Франција мора да го понуди истото. Токму затоа тој самиот избира правец што е речиси хируршки прецизен. Тој го држи претседателот Макрон на дистанца. Одбива политичка пристрасност или мешање од страна на Елисејската палата. Неговата мисија во Франција не е политичка, туку духовна. Лав е таму. Учтив, но не подложен на лесна манипулација“, оценуваат медиумите.
Во раните 80-ти години на минатиот век, 70 отсто од Французите сè уште се изјаснуваа како католици. Четири децении подоцна, таа бројка паднала на околу 30 отсто. Голем дел од населението вели дека не практикува никаква религија или отворено се изјаснува како атеистичко. Во исто време, исламот е во подем, како поради миграцијата, таки и поради демографските промени.
Француската црква се соочува со тешкотии поради недостигот на свештеници. Парохиите се спојуваат, а свештениците опслужуваат сè поголеми подрачја. Црквата е општествено ослабена, но не исчезна. Ова е очигледно од еден впечатлив настан. Билетите за мисата на папата на отворено за млади на стадионот „Стад де Франс“ беа распродадени за половина час. Во секуларна земја, тоа не е само детал, туку сигнал.

Младите луѓе бараат смисла. Папата го знае тоа и гледа можност да ја промовира својата црква. И токму затоа тој одлучи како ќе се одвива претставата, поделена на четири чина.
Макрон на дистанца
Претседателот Макрон го пречека папата на аеродромот, а подоцна и во Елисејската палата. Пречекот беше без традиционалната Републиканска гарда, Лав не го сакаше тоа. Макрон со задоволство би приредил државен ручек или вечера, но папата одби.
Макрон нема да присуствува на ниту една папска миса. И тоа не е случајно. Лав не сака претседател покрај себе за време на литургиските моменти. Не сака никакво политичко присуство што би навлегло во светиот простор. Тоа е речиси како да вели: „Оставете ме на раат“.
Макрон предложи заедно со Папата да прошетаат низ обновената катедрала Нотр Дам во Париз, која како феникс се издигна од пепелта по пожарот во април 2019 година, благодарение на поддршката од француската држава и од исклучително богати спонзори.
Тоа би било еден вид приватна тура со водич. Макрон одлично знае какви историски снимки би можело да произлезат од тоа. Но, Лав одби. Тој ќе ја посети катедралата сам, во тишина, придружуван само од дел од свештенството и од експерти за реставрација. Без претседател, без политика, без заедничко промовирање.
На улиците, папата Лав ќе се движи во „папамобилот“. Папата ќе биде видлив и достапен, во срцето на градот, но без претседателска придружба. Не му се потребни учтивост, ниту помпезни церемонии. Тој ги избира луѓето, верниците. „Папамобилот“ е алатка за режирање. Папата одредува кој ќе го види, кога и како, без мешање од страна на францускиот државен протокол.
Без Орден на Легијата на честа
Макрон сакаше на папата да му го додели Орденот на Легијата на честа, највисокото француско национално одликување. Тоа, секако, би било чин на почит, но и класично средство на државната дипломатија. Папата одби. Учтиво, но одлучно.

Орденот на Легијата на честа го поврзува добитникот со француската држава. Со тоа што го отфрла, Лав ја штити универзалната позиција на папството над националната симболика, над политичките комплименти. Папата не дозволува да биде вклопен во наративот на некоја земја; Светата столица стои над сè.
Лична агенда
Според француските медиуми, Макрон сакал да разговара за широк спектар на теми со папата, од Украина, Блискиот Исток и Африка, па до климата, вештачката интелигенција, евтаназијата… Тоа се теми преку кои тој сака да ги позиционира меѓународните лидери за да ја зајакне сопствената дипломатска улога.
Но, Лав го ограничи разговорот на кратка средба „очи в очи“ во Елисејската палата. Потоа, тој се враќа на својата агенда: литургии, средбо со верниците, вклучително и со жртви на сексуално злоставување од страна на свештенството, и на упатување европска порака во градот Мец.
„Тоа се неговите точки, тоа е неговата визија. Тој не сака да игра политичка игра. Иако може да се претпостави дека Лав ќе се осврне на болните теми во своите проповеди: војните во светот, улогата на Црквата, важноста на верата, сексуалното злоставување што беше многу распространето во и околу црквите во Франција, важноста на геополитичкиот мир. Тој се одлучува за дипломатија заснована на морален авторитет“, оценува францускиот печат.
Шуман
Рутата на папата е Париз, потоа Лурд, можеби најзначајното место за поклонение во цела Европа, па Мец. Мец? Зошто таму, во тој, севкупно гледано, мал и непознат град во североисточна Франција?
Уште еднаш, Лав го одредува тонот. Во Мец папата ќе зборува пред споменикот на Робер Шуман, основачот на Европската Унија. А треба да се знае дека Шуман е на списокот на кандидати за беатификација, иако за тоа е потребно чудо што сè уште треба да се поврзе со него.

Лав го користи Шуман како морален репер. Политичар кој ја поврза христијанската инспирација со европското помирување. На тој начин, Папата ја поврзува Европа со духовните вредности, без да го политизира моментот.
Макрон ќе биде присутен, за да доживее малку „момент на слава“, но ништо повеќе од тоа. Папата одлучува, а не Макрон.
Папска автономија
„Ова е мојот момент“, сигурно си помислува папата. Во Франција тој сака да покаже дека папската автономија не е апстрактен принцип. Тој сака да ја испише сопствената приказна и не дозволува Макрон да ја пишува заедно со него.
Бидете сигурни, дека тоа ќе биде триумфална поворка. Особено големите евхаристички славја на преполниот стадион „Стад д Франс“, на плоштадот „Конкорд“, каде што се очекуваат стотици илјади верници, во пештерата во Лурд и во Мец. Тоа повторно ќе ги охрабри француските католици.
А Макрон? Тој нема да присуствува на ниту една миса. Лут? Намуртен? Навреден? Можеби. Сепак тој се повикува на „лаицизмот“, кревка одредба за апсолутно раздвојување на црквата од државата, како и на својата претседателска улога која треба да го стави над секоја религија или убедување.
Како и да е… Папата патува и папата одлучува. Учтиво, но одлучно. Но, дали тоа ќе поттикне многу верници да се вратат во француските цркви, останува да се види.

