Пратениците денеска почнуваат со работа на првата пленарна седница по летните одмори. На дневен ред на новата 121. седница ставени се дури 53 точки.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на првиот брифинг со новинарите по одморите најави дека сите закони за кои е потребно гласање со Бадентер ќе бидат ставени на дневен ред и на гласање, но дека неизвесно е каков ќе биде исходот поради процедуралната блокада од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ).
Ова прашање има повеќе политичка димензија, отколку процедурална. Во својство на претседател на Собранието се обидувам да ги преземам сите мерки. Јас сум во контакт со сите пратенички групи. Се обидуваме да дојдеме до решение. Ако прашањето навлегува во политичката сфера, тогаш на друго политичко ниво се разговара. Се согласувам дека ова прашање треба да се реши, но оставам на политичките актери да го решат, рече Гаши во понеделникот.
За можноста за распуштање на Собранието и распишување на предвремени избори, Гаши со став дека нема да довзоли злоупотребата на Деловникот да предизвика предвремени парламентарни избори.
Не треба една злоупотреба на Деловник да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за тоа може да се решава и на друго ниво, изјави Гаши.
Закони за кои е потребен Бадентер се законот за правична застапеност, за високо образование, за локална самоуправа и други.

