Дирекцијата за заштита и спасување оценува дека состојбата со пожарите и денес е алармантна. Регистрирани се повеќе од 20 пожари досега, а поголем дел од нив се сеуште активни.
Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов очекува пожарот над селото Грачани кој веќе неколку дена ги вознемирува Скопјани, денес ќе биде ставен под контрола. На него интервенирале ер тракторите и полициски хеликоптер.
Пожарот се симнува кон реката Лепенец, но поголем дел од него е на косовска страна. За жал, ако дувне северозападен ветер, граѓаните на Скопје и вечерва ќе го чувствуваат чадот иако во однос на вчерашниот и завчераниот ден е значително намален, вели Ангелов во попладневната изјава.
На територија на Скопје има уште еден активен пожар кај Рамно на Скопска Црна Гора, за кој Ангелов, вели дека некој упорно го потпалува.
Активни пожари има и над селото Октиси и кај Ногаевци, Градско кој може да се види и од автопатот.

