Ставен e под контрола е пожарот кој се закануваше да го зафати националниот парк Пелистер, но опасноста одраспалување не е иклучена поради што претпазливоста продолжува.
Спречена е поголема катастрофа поради прецизните интервенции на ер-тракторите, но и масовната брза масовна акција на теренот од сите јавни комунални претпријатија, противпожарните служби на Ресен и Битола. Во гаснењето учествуваа и вработените на националниот парк Пелистер, вработени во Центарот за управување со кризи.
Сепак, претпазливоста на терен продолжува. Од НП „Пелистер“ известуваат дека сите дежурни екипи остануваат на терен за целосно гаснење и спречување евентуално повторно активирање на огнената линија.

Огнот започна во поширокиот реон на Макази, на преспанската страна, а во текот на попладнето се движеше во правец кон Претор и Пелистер. Од првичната информација за пожар во близина на Ресен, состојбата брзо се усложни: огнот ја премина границата на Националниот парк и зафати простор меѓу подножјето на Вртушка и Мала Чука.
Директорот на Националниот парк „Пелистер“ Иванчо Тошевски изјави дека ширењето на пожарот е запрено, при што се изгорени делови од боровите насади. Опасноста, сепак, не е целосно помината, па дежурните екипи остануваат на терен. Пожарот е под контрола, но продолжува претпазливоста и целосното догаснување на огнената линија за да се спречи ново разгорување.
Пожарот избувнал на повеќе места – постои сомнеж дека е подметнат
Во текот на интервенцијата директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов соопшти дека пожарот во атарот на Макази бил забележан на најмалку две локации во близина на овоштарници со јаболка. Според неговите информации, додека пожарникарите се обидувале да го контролираат огнот, подалеку се појавила уште една, подолга огнена линија.
Тоа, според Ангелов, упатува на сомнеж дека пожарот бил намерно предизвикан. Станува збор за проценка изнесена во текот на интервенцијата, а не за официјално утврдена причина за пожарот.

