Полскиот претседател Карол Навроцки изрази надеж дека САД ќе ги финализираат плановите за воспоставување постојана воена база во Полска и дека, доколку тоа се случи, таа ќе го добие името „Тврдина Трамп“.
Како што објавува „Блумберг“ , во говорот на маргините на Генералното собрание на ОН, полскиот шеф на државата изрази увереност дека одлуката е „само прашање на време“ и рече дека би сакал воспоставувањето на базата да биде завршено пред крајот на мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп во 2029 година.
„Откако ќе заврши работата од страна на американската администрација и владите на двете земји, мислам дека претседателот Трамп ќе може лично да присуствува на церемонијата на отворањето на тврдината Трамп“, рече Навроки.
Идејата за воспоставување постојана американска база првпат ја предложи претходникот на Навроцки, Анджеј Дуда, во 2018 година. По целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, официјалните лица во Варшава ги засилија напорите за обезбедување присуство на американски трупи.
Минатата недела, премиерот Доналд Туск изјави дека очекува разузнавачките информации да укажат на руски „планови за хибридни напади“ против земјите што ја поддржуваат Украина.
Блумберг додава дека во последните денови Трамп постигнал „значаен напредок“ во преговорите со Варшава и рече дека локацијата на базата би можела да биде објавена „многу наскоро“.
Дискусиите доаѓаат во услови на растечка загриженост во остатокот од Европа дека САД се подготвуваат да го намалат своето воено присуство на континентот. Трамп им порача на европските сојузници дека мора да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност, додека министерот за одбрана Пит Хегсет го разгледува бројот на американски трупи стационирани во Европа. Овие загрижености се особено силни на источното крило на НАТО, каде што земјите се најблиску до Украина и беа под советска контрола за време на Студената војна.
Навроцки рече дека Полска – која моментално е домаќин на околу 10.000 американски војници на ротациона основа – би била подготвена да прифати дел од војниците што моментално се во Германија доколку САД одлучат да го намалат своето присуство таму.
„Се наоѓаме во епицентарот на хибридна војна. Од една страна, руските провокации го обликуваат идното бојно поле, а од друга страна, ја тестираат отпорноста на НАТО. Ситуацијата е несомнено сериозна“, истакна тој.
Во мај, Трамп објави планови за испраќање дополнителни 5.000 војници во Полска.
Во последните месеци, иницијативата за воспоставување постојана база, исто така, доби на интензитет; претходно овој месец, претставници на американската администрација пристигнаа во Полска за да ги проверат потенцијалните локации.
Навроки истакна дека сè уште има „административни и финансиски прашања“ што треба да се решат. „Тешко ми е да дадам конкретни датуми, но верувам дека ова прашање несомнено ќе биде решено, бидејќи претседателот Трамп е познат по тоа што го држи зборот“, рече тој.
Но, стремежот на Полска да ја зајакне својата одбрана врши притисок врз веќе затегнатите јавни финансии. Во август, Полска објави буџет за 2027 година со дефицит од 7,1% од БДП – еден од најголемите во Европската Унија – делумно поради значителните трошоци за одбрана.

