Петмината кандидати, кои се трка за функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје (ОЈО ГОКК) денеска ќе ги претстават своите кандидатури. Советот на јавни обвинители денеска во 11 часот ќе одржи седница на која кандидатите ќе ги претстават своите кандидатури.
Според официјалната кандидатска листа, за функцијата се пријавени вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, обвинителот во Вишото јавно обвинителство и поранешен обвинител во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Трајче Пеливанов, обвинителката од Основното јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК, Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.
Изборот ќе се одржи на 28 октомври со тајно и непосредно гласање на јавните обвинители.
Постапката за избор на нов раководител се спроведува поради истекувањето на мандатот на актуелниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.
Во серијата интервјуа што ги објави „Фокус“ од 7 до 11 октомври, Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски одговараат зошто сметаат дека заслужуваат да раководат со ОЈО ГОКК и што би промениле доколку бидат избрани.
Нивните одговори откриваат различни приоритети, но и заедничко препознавање на потребата од подобри капацитети и поефикасно постапување. Клучно е дали зад најавените промени стојат конкретни планови за нивно спроведување и како кандидатите планираат да ги претворат своите заложби во видливи резултати, објави Рацин.
Искуството како аргумент, реформите како ветување
Трајче Пеливанов и Лидија Раичевиќ своите кандидатури во голема мера ги темелат на досегашното професионално искуство.
Пеливанов, кој претходно бил дел од Специјалното јавно обвинителство, работел во ОЈО ГОКК и привремено раководел со институцијата, нагласува дека обвиненијата што ги застапувал успешно завршувале низ судските инстанци. Се повикува и на искуството во раководењето и познавањето на обвинителскиот систем на различни нивоа.
Сепак, на прашањето за конкретните промени што би ги спровел, упатува на својата изборна програма, која во моментот на објавувањето на интервјуто била во завршна фаза на подготовка. Оттаму, од неговите јавно изнесени ставови сè уште не може да се процени какви организациски интервенции предвидува.
Раичевиќ, пак, порачува дека обвинителството има воспоставен начин на работа кој функционира, но треба да се унапреди преку поголема проактивност. Таа најавува одлучна борба против криминалот, законито водење на постапките и обвиненија поткрепени со докази.
Нејзиниот пристап ја нагласува професионалната одговорност на обвинителите, но во јавно изнесените одговори не се разработени конкретни механизми преку кои би се зголемила ефикасноста или би се надминале организациските слабости.
Дигитализација, финансиски истраги и истражни капацитети
Фатон Азизи, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски издвојуваат повеќе конкретни области во кои сметаат дека се потребни промени.
Азизи го нагласува зајакнувањето на Истражниот центар, поврзувањето на обвинителите со финансиски експерти и аналитичари и развојот на дигиталната форензика. Неговиот концепт предвидува и паралелно водење кривични и финансиски истраги кога за тоа постојат услови, со навремено обезбедување на имотот за кој постои сомневање дека е стекнат со криминал.
Тој најавува мерливи обврски, со можност по една, две и четири години да се провери што навистина е реализирано.
Хаџи Василева предлага реорганизација заснована на четири столба: поголема ефикасност, финансиски истраги и конфискација, зајакнување на капацитетите и поголема транспарентност. Таа нагласува дека не е доволно само да се препознаат слабостите во обвинителството, туку е потребно да се утврди како ќе се спроведат неопходните промени.
Цветановски, пак, најавува итна дигитализација и подобро поврзување со другите институции. Тој предлага Истражниот центар да се екипира со ИТ-форензичари, даночни инспектори и форензички сметководители. Дополнително, предлага внатрешни процедури за вреднување на трудот на обвинителите, со цел да се отстранат сомнежите за селективност во институцијата.
Заедничко за овие три пристапи е препознавањето дека сложените истраги не можат да се водат само со обвинителско искуство и лична решителност. Потребни се специјализирани кадри, пристап до податоци, технологија и организирана институционална поддршка.
Независноста и внатрешната селективност
Една од најважните теми што се отвораат преку кандидатските изјави е начинот на кој раководителот ќе ги користи своите овластувања во самото обвинителство.
Азизи зборува за професионална самостојност на секој обвинител, тимска работа и предност на аргументите пред хиерархијата.
Цветановски го отвора прашањето за внатрешните процедури и потребата од мерила за оценување на работата, со кои би се намалил просторот за сомнежи во селективност.
Хаџи Василева ги поврзува интегритетот и транспарентноста со јавната доверба во институцијата, додека Раичевиќ и Пеливанов ги истакнуваат професионалните принципи и досегашното постапување.
Правосилните пресуди и конфискацијата како мерило за резултатите
Особено внимание привлекува заложбата на Цветановски за предмети од висока корупција што ќе завршуваат со правосилни пресуди и конфискација на имот, наместо со долги постапки без конечен исход.
Слична насока се препознава и кај Азизи, кој инсистира на следење на средствата за кои постои сомневање дека се стекнати со криминал, како и кај Хаџи Василева, која ги издвојува финансиските истраги и конфискацијата како посебен приоритет.
Петтемина кандидати се согласуваат дека борбата против организираниот криминал и високата корупција бара професионалност, законитост и ефикасност. Разликите се појавуваат во тоа колку детално ги објаснуваат средствата за постигнување на овие цели.

