Под мотото „Невозможни нешта“ од денес почнува 14. „Џифони Македонија“. Годинашното издание ќе понуди над 80 филмови, 8 работилници и над 400 учесници од кои се очекуваат 30-тина млади од Италија, Данска, Романија, Србија и Косово.
Фестивалската публика и учесниците ќе имаат можност да ги следат натпреварувачките селекции за најдобар долгометражен филм, најдобар краток филм, најдобар анимиран филм, најдобар филм направен од ученици од основните и средните училишта.
На фестивалот ќе бидат претставени и најновите кратки филмови на македонските автори Крсте Господиновски, Ханис Багашов, Трифун Ситниковски, Оливера Каменаровска, Лора Милошевска, Кирил Цеков и Фросина Захда.
Натпреварувачката програма ќе биде отворена со македонскиот игран филм „Скејбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума.
Од регионот годинава пристигнува и црногорскиот игран филм „Видра“, во режија на Срџан Вулетиќ, додека во јуниорската селекција ќе биде прикажан хрватскиот филм „Вториот дневник на Паулина П.“, во режија на Невен Хитрец.
Останатите долгометражни филмови доаѓаат од различни европски земји, додека краткометражната програма носи филмови од целиот свет.
Фестивалот и годинава ќе овозможи директна средба меѓу младата публика и филмските автори. Досега се потврдени гостувања на четворица режисери на долгометражните филмови, кои по проекциите ќе разговараат со учесниците и ќе одговараат на нивните прашања.

