Пожар избувна во нафтената рафинерија на „Шеврон“ (Chevron) во Ел Сегундо, во близина на Меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, по земјотрес со јачина од 5,0 степени според Рихтеровата скала што во саботата го погоди крајбрежјето на Јужна Калифорнија.
Претставници на градот Ел Сегундо изјавија дека во рафинеријата бил спроведен процес на „флерирање“ (flaring) – контролирано согорување на вишокот гас – што претставува стандардна постапка при прекин на производните процеси, како што се оние предизвикани од земјотреси, пренесува „Калифорнија пост“ (California Post).
Според достапните информации, нема повредени, ниту пак е пријавена значителна материјална штета.
Големи пламени јазици и густ црн чад, видливи во близина на Меѓународниот аеродром во Лос Анџелес (LAX), предизвикаа загриженост кај жителите и патниците.
Пламените јазици се појавија неколку секунди по земјотресот, кој беше регистриран приближно во 9:30 часот по локално време.
Според „Шеврон“, опремата во рафинеријата е дизајнирана автоматски да се исклучува при прекин на производството – вклучително и за време на земјотреси – при што вишокот гас се пренасочува кон системи за контролирано согорување (флерирање).
Рафинеријата во Ел Сегундо обезбедува околу 20 отсто од пазарот на гориво за моторни возила во Јужна Калифорнија и приближно 40 отсто од горивото за авиони што се користи во тој регион. На снимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледаат високи пламени јазици и густ столб од црн чад, видливи од околните населби, како и од самиот аеродром.
Земјотрес со јачина од 5,0 степени е регистриран во Тихиот Океан, на околу шест километри југозападно од Менхетен Бич, на длабочина од приближно 11 километри, соопшти Геолошкиот институт на САД (USGS).
Повеќе од 13.000 луѓе пријавиле дека го почувствувале потресот, а во текот на следните 45 минути биле забележани најмалку 19 последователни потреси, вклучително и еден со јачина од 3,7 степени.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека засега нема извештаи за поголеми штети и ги повика граѓаните да останат претпазливи поради можноста од последователни потреси.
Надлежните во Менхетен Бич соопштија дека не постои ризик од цунами.
По земјотрес избувна пожар во рафинеријата на „Шеврон“ во близина на аеродромот во Лос Анџелес

