Група од околу дваесетина членови на изолираниот домороден народ Ава се појавија од амазонската прашума во Бразил и воспоставија контакт со надворешниот свет.
Настанот, кој организациите го опишуваат како историски состанок, предизвика загриженост за нивниот опстанок поради сè почестите упади на нивната територија, пишува лондонски „Гардијан“.
Според информациите од организацијата „Сарвајвал Интернешанл“, припадниците на народот Ава пристигнале во понеделник во селото Тавари на домородната територија Арарибоја, во бразилската сојузната држава Маранјао. Во селото живеат припадници на етничката група Гвахахара, кои, според изјавите на локалните лидери, им понудиле храна на дојденците.
„Сарвајвал Интернешанл“ соопшти дека дојденците „барале сладок компир и го однеле назад во шумата“.
Статус на групата и ризик од болести
Снимките од средбата, снимени од членови на народот Гважажара и објавени од „Сарвајвал Интернешанл“, покажуваат група мажи, жени и деца на работ на шумата. Тие се делумно скриени од вегетација, голи и носат ѓердани, додека мажите држат лакови и долги стрели.
Организацијата „Коапима“, која ги претставува домородните групи во Маранјао, предупреди за лошата физичка состојба на групата што пристигна.
„Физичката состојба на некои членови, особено децата и постарите лица, ги загрижи локалните жители кои забележаа јасни знаци на тешка неухранетост“, инфомира „Коапима“.
Организацијата, исто така, забележа дека непланираниот контакт носи големи ризици за изолираните групи, бидејќи тие се екстремно „изложени на болести“ на кои немаат развиен имунитет.
Смалување на животниот простор
„Сарвајвал Интернешанл“ објаснува дека народот Ава традиционално живее од лов и собирање овошје, но се соочува со зголемен притисок од упади на нелегални дрвосечачи, ловци и сточари.
Директорката на организацијата, Каролин Пирс, рече дека одлуката на групата да ја напушти изолацијата е „вознемирувачки показател за тоа како постојаните упади во шумите на неконтактирани народи ги ставаат во реален ризик инаку самодоволните домородни народи“.
Таа додаде дека народот Ава се турка кон „се помал остров на амазонската дождовна шума, опкружен со уништување“.
Чуварите на шумата, група членови на народот Гважажара, кои се борат против нелегални активности, исто така предупредија на закани.
Во изјава за „Сарвајвал Интернешанл“, тие рекоа дека „климатските промени, пожарите, уништувањето на шумите и грабањето земјиште“ го загрозуваат начинот на живот на народот Ава. „Сарвајвал Интернешанл“ забележува дека многу чувари се убиени, додека се обидувале да ја заштитат територијата што ја делат со народот Ава.
Реакција на владата и поширок контекст
Фунаи, државната агенција на Бразил за домородни прашања, соопшти дека нејзините експертски тимови ја следат ситуацијата и ги анализираат достапните информации за здравјето на групата.
Според податоците од „Сарвајвал Интернешанл“, има околу 196 неконтактирани народи и групи кои избрале да живеат во изолација во десет земји во светот. Повеќе од 90 проценти од овие групи живеат во амазонската дождовна шума, претежно во Бразил, додека останатите се во Индонезија и Индија.

