Размена на детски играчки, работилници за нивна поправка, креативни активности и претставување на македонскиот едукативен детски канал „Буба Бу“ се дел од дводневната програма што денеска и утре ја организираат Скопје Сити Мол и киното „Синеплекс“, во рамки на платформата „Заедно знаеме повеќе“.
Програмата е наменета за деца од различни возрасти, а активностите се насочени кон поттикнување одржливи навики, креативност, учење и поддршка на раниот детски развој.
По повод Европската недела за намалување на отпадот, во соработка со платформата „Штрк“, денеска и утре од 11 до 16 часот, пред киното „Синеплекс“ ќе се одржува размена на детски играчки. Децата ќе можат да донесат играчка што повеќе не ја користат, да изберат друга од изложените и да ја понесат дома, со што ќе се поттикнуваат повторната употреба и продолжувањето на животниот век на предметите.
На истата локација, во двата дена од 11 до 14 часот, Скопје Сити Мол, во соработка со АРНО и центарот за поправки „Ништо ново“, организира работилница за поправка на меки играчки и кукли. Децата и родителите ќе можат да донесат омилена играчка на која ѝ е потребна поправка и, со помош на менторката Оливија Георгиевска, да ѝ дадат нов живот. Преку рачно шиење, замена на оштетени делови, дополнување полнило и употреба на повторно искористени материјали, учесниците ќе се запознаат со практични начини за поправка и повторна употреба.
Во недела, од 12 часот, во киното „Синеплекс“ ќе биде претставен македонскиот едукативен детски канал „Буба Бу“. Креаторите и извршни продуценти Софија и Јаков Спасов, заедно со Драган Даскаловски, креатор и експерт за ран детски развој, ќе зборуваат за создавањето на каналот, развојно соодветната содржина и важноста на внимателниот избор на екрански содржини за најмалите.
По претставувањето ќе следува проекција на новата епизода „Буба Бу во Сонот на игрите“, наменета за деца од три до пет години. Епизодата ги поврзува играта, музиката и учењето преку содржина приспособена на возраста и развојните потреби на децата. По проекцијата, најмалите ќе имаат можност да се запознаат и да се дружат со Буба, ликот што го толкува актерката Талија Настова.
Неделната програма продолжува и со креативната работилница „Мозаик – мали зрна, големи уметнички дела“, наменета за деца на возраст од шест години и постари. Работилницата ќе се одржи во 11 и 12:30 часот, на вториот кат, под менторство на ликовната уметница и театарска костимографка Ивана Каранфиловска Угуровска. Децата ќе создаваат мозаици од природни зрнести материјали, комбинирајќи различни бои, форми и текстури.
Организаторите посочуваат дека преку активностите сакаат да поттикнат навики за повторна употреба, поправка наместо фрлање, одговорен однос кон ресурсите и креативно учење, нагласувајќи дека ваквите навики се градат од најрана возраст.

