Романскиот Парламент синоќа избра малцинската Влада предводена од поранешниот новинар и дипломат Лука Никулеску, со што, барем за некое време, е ставен крај на петмесечниот политички ќорсокок со три неуспешни обиди за формирање нов владин кабинет.
„За“ избор на новата Влада гласаа 280 пратеници, а 58 се изјаснија „против“.
Повеќето министри во Владата доаѓаат од редовите на левоцентристичката Социјалдемократска партија (ПСД), која во мај и помогна на тогашната опозиција да го собори Кабинетот на десниот центар на поранешниот премиер Илие Боложан. Останатите министри во новата Влада се технократи или непартиски политичари, меѓу кои е и независниот Александру Назаре, кој останува министер за финансии.
Никулеску, кој не е член на ниту една партија, од 2016 до 2022 година беше амбасадор на Романија во Франција, по што го презеде раководењето со тимот задолжен за процесот на пристапување на земјата кон Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

По изборот на неговата Влада, Никулеску изјави дека планира веднаш да започне со работа, при што приоритет на неговата агенда ќе биде справувањето со големиот буџетски дефицит, а најави и привлекување средства и инвестиции во земјата.
Романскиот претседател Никушор Дан го номинираше 55-годишниот Никулеску за мандатар на 5 октомври. Тој беше четвртиот избор на претседателот за оваа функција, откако претходните тројца кандидати не успеаја да формираат влада.
Никулеску успеа да обезбеди поддршка за неговата на малцинска Влада, откако постигна договор со неколку партии за шестмесечна поддршка, во кој период би требало да се постигне договор за формирање мнозински владин кабинет.
Актуелната политичка криза во Романија, што почна во мај со изгласувањето недоверба на Владата на Боложан 11 месеци по нејзиниот избор, само се надоврза на период на нестабилност во земјата уште од поништувањето на претседателските избори во декември 2024 година. Земјата, исто така, се соочува со висока инфлација и техничка рецесија, а минатата година го забележа еден од највисоките буџетски дефицити во Европската Унија.
Со изборот на Владата на Никулеску избегнато е одржување на предвремени парламентарни избори во време на регионални безбедносни предизвици поврзани со војната на Русија во соседна Украина.

