Руското Министерство за надворешни работи ја предупреди Естонија дека нејзината помош за Украина при изведувањето напади со беспилотни летала на руска територија би можела да доведе до директен воен судир меѓу Москва и Талин.
„Ваквите провокативни и крајно опасни активности се на работ да предизвикаат отворена војна со Русија“, соопшти руското министерство, пренесува „Москоу тајмс“ (The Moscow Times).
Предупредувањето му беше пренесено на естонскиот амбасадор во Москва, Марек Јухтаги, кој беше повикан во руското Министерство за надворешни работи.
Притоа, Москва упати и протест во врска со тврдењата на Естонија дека руската воена разузнавачка служба (ГРУ) била вмешана во обид за подметнување пожар во одбранбен објект во близина на Талин, како и во врска со одлуката на естонските власти да ја затворат границата со Русија.
Руското министерство ги отфрли овие обвинувања, наведувајќи дека тие не се поткрепени со докази.
Москва, исто така, ја обвини Естонија дека се обидува да го ограничи движењето на руските товарни бродови во Балтичкото Море, како и дека спроведува мерки насочени против населението што зборува руски јазик и против Естонската православна црква.
Во соопштението понатаму се наведува дека во октомври Естонија вовела целосна забрана за транзит на руски и белоруски житарки преку својата територија. Руското министерство предупреди дека политиката на Талин – опишана како насочена кон поттикнување непријателство кон Русија – ќе продолжи да ја дестабилизира ситуацијата во регионот.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Михаил Галузин, неодамна тврдеше дека Естонија, Латвија и Литванија им дозволуваат на украинските беспилотни летала да ги користат нивните воздушни коридори за напади врз руските пристаништа во Санкт Петербург и во Ленинградската област.
Претставниците на дипломатските мисии на трите балтички држави во Москва ги отфрлија овие тврдења како неосновани.
Русија ја предупредува Естонија за можноста од отворен воен судир

