Во повторената постапка, Кантоналниот суд во Сараево ги осуди Саво Маринковиќ на 45 години затвор и Александар Мацан на 15 години затвор за убиството на полицајците Адис Шеховиќ и Давор Вујиновиќ.
Ова е првостепена пресуда на која може да се поднесе жалба до Врховниот суд на Федерацијата Босна и Херцеговина, пренесува сараевскиот портал „Кликс“ (Klix).
Во првичното судење, истиот суд ги осуди Маринковиќ на 45 години, а Мацан на 15 години затвор. Врховниот суд на Федерацијата Босна и Херцеговина подоцна ја укина таа пресуда поради процедурални повреди и наложи повторно судење.
Шеховиќ и Вујиновиќ беа убиени на 26 октомври 2018 година, околу 04:00 часот наутро, на улицата „Гетеова“ во населбата Алипашино Поље, додека биле на должност во службено полициско возило. Шеховиќ починал на самото место, додека Вујиновиќ им подлегнал на повредите неколку часа подоцна во Универзитетскиот клинички центар во Сараево.
Долго време истрагата не бележеше напредок. Мацан се предаде на Обвинителството во декември 2021 година; подоцна беше уапсен Марко Трифковиќ, а во 2022 година, Германија го екстрадираше Маринковиќ во Босна и Херцеговина. Во мај 2024 година, Трифковиќ склучи спогодба за признавање вина и беше осуден на 15 години затвор.
Сараево: Убијците на полицајци повторно осудени на 45, односно 15 години затвор

