Автобус со кој околу 60 музичари на белгискиот дувачки оркестар „Забава по работа“ се враќаа од фестивал во Германија се запали на автопатот во близина на холандскиот град Венло.
Како што јави белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, сите музчичари и возачот успеале навреме да излезат од автобусот, но оркестарот останал без околу 30 инструменти кои биле уништени во пожарот.
Штом избувнал пожарот возачот веднаш го запрел автобусот, по што од возилото излегле сите околу 60 членови на оркестарот, на возраст од 12 до над 70 години.
„Имаме среќа што во оркестарот има пожарникар-доброволец. Тој знае како да реагира во вакви моменти. Сите внимателно слушаа, не паничеа и излегоа од автобусот што е можно побрзо“, изјави директорот на дувачкиот оркестар Јонас Гинс за ВРТ.
Тој посочи дека сите излегле од двокатниот автобус за помалку од една минута, а по пет минути возилото веќе било целосно зафатено со пламен.
„Имавме прекрасен викенд. Направивме вистински хаос, во позитивна смисла, се разбира. Но…“, додаде Гинс.
Инцидентот се случил во неделата вечерта околу 22:30 часот, по што сите музичари биле однесени во блискиот хотел.
„Можевме да се стоплиме во хотелот, бидејќи веќе беше помината полноќ. Исто така, можевме да ги користиме тоалетите, да се напиеме кафе и да го чекаме другиот автобус што на крајот нè однесе дома“, истакна Гилс.
Причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати, а холандската полиција започна истрага за случајот.

