Две лица загинаа, а неколку се повредени, од кои осум потешко, кога туристички автобус се преврте на автопатот А96 во близина на Бухлое, во германската покраина Баварија. Според германските медиуми, патниците биле на пат кон Октоберфест во Минхен.
Несреќата се случила рано утрово, околу шест часот, кога автобусот со италијански регистарски таблички излетал од патот и паднал по насип. Портпаролката на полицијата изјави:
„Во туристичкиот автобус имало околу 50 лица. Станува збор за туристичка група од Филипините.“
Портпаролот на полицијата, Мартин Корнилс, за БИЛД изјави дека патниците од Милано патувале кон традиционалната манифестација. Причината за излетувањето сè уште не е позната, а надлежните органи ангажирале експерт за реконструкција на настанот.
На местото на несреќата биле распоредени околу 250 припадници на службите за итни случаи, вклучувајќи полицајци, пожарникари и медицински екипи, додека повредените се згрижени во болниците.
Голем број спасувачи се на терен, а хеликоптер прелетал над местото на несреќата. Пожарникарите го обезбедиле превртеното возило со јажиња и дрвени потпори.
„Ги замоливме нашите колеги на терен да ја проценат ситуацијата. Засега можеме само да кажеме дека има многу повредени“, рече портпаролката, истакнувајќи дека информациите постојано се менуваат. Идентитетите на жртвите сè уште не се објавени. На задната страна од автобусот има знак со реклами „Доверете ни се за вашите потреби за патување“.
Автопатот е затворен во двата правци
Несреќата предизвика автопатот A96, кој поминува низ Бухлое и ги поврзува Минхен и Меминген, да биде целосно затворен за сообраќај во двата правци помеѓу раскрсниците Бухлое-Ост и Ландсберг ам Лех-Вест. Според автомобилскиот клуб ADAC, се очекува прекинот да трае најмалку до 11 часот наутро.

