Полицијата се уште работи на случајот со убиството во скопски Чаир кога беше убиен 26-годишен сопјанец. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува наскоро да бидат приведени осомничените.
За дневникот на МРТ, Тошковски вели дека во оваа фаза од постапката не може да изнесува дополнителни детали во врска со истрагата, а се работи и на расчистување на прашањето зошто еден од двајцата осомничени, кој инаку бил на издржување на затворска казна, во моментот на убиството бил на слобода.
Сепак, според Тошковски, во периодот од јануари до август годинава е забележано намалување на повеќе категории тешки кривични дела споредено со истиот период минатата година.
Бројот на убиства е намален од 19 на 12, односно за околу 37 проценти. Бројот на регистрирани сторители е намален од 26 на 13, а бројот на жртви е намален од 20 на 12, што е намалување од околу 40 проценти. Особено изразено намалување, од приближно 65 проценти, е регистрирано кај обидите за убиство. Разбојништвата се намалени за околу 40, а тешките кражби за приближно 30 проценти во однос на истиот период лани, изјави Тошковски.
Од друга страна, има зголемен број на случаи на семејно насилство што Тошковски смета дека се должи на поголемата охрабреност на граѓаните да пријавуваат.

