Скопје денес е домаќин на „BALKAN AFFAIRS – The fragile art of living together“, меѓународен проект на германскиот ансамбл Neue Vocalsolisten Stuttgart, во кој седум композитори од седумте држави наследнички на поранешна Југославија преку современата музика ги преиспитуваат заедничкото минато, последиците од војните и предизвиците на живеењето заедно.
Создаден како уметнички простор за соочување со колективната меморија и различните толкувања на балканската историја, „BALKAN AFFAIRS“ отвора прашања за национализмот, етничките и верските поделби, насилството, носталгијата по поранешна Југославија, хиперинфлацијата, европските интеграции и надежта на генерациите што пораснаа во сенката на војните.
Во фокусот се седум современи композиции што ги спојуваат човечкиот глас, електрониката, видеото, звучните инсталации и елементите на традиционалната музика.

