Собранието денеска ја почна 122. пленарна седница, а по гласањето за дневниот ред започнаа поставувањата прашања од пратениците од опозицијата до премиерот и министрите.
Пратениците ја изгласаа потребата за носење по скратена постапка на измени на Законот за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, по скратена постапка, измените на Законот за комуналните дејности, измени на Законот за градење, измени и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, измени на Законот за санитарната и здравствената инспекција, кои се усогласувања со Законот за високи раководители.
На дневен ред на 122 пленарна седница се предлог на одлуки за именување на член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Предлог на одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда “Мито Хаџи Василев- Јасмин”, за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Св.Климент Охридски” и Предлог на закон за државната ревизија, во прво читање.
Пратениците треба да ги изгласаат и предлог на одлуките за начинот на спроведување на интервју, оценување на исполнувањето на условите и бодирањето на кандидатите за членови на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, за начинот на спроведување на интервју, оценување на исполнувањето на условите и бодирањето на кандидатите за членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија и Предлог на автентично толкување на член 23 став 1 точка 18 од Законот за данок на додадена вредност.

