Во галеријата Остен вечер во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Соочувања“ од Стефан Младеновски.
„Соочувања“ содржи 11 дела во комбинирана техника на платно и 1 на хартија. Преку неа, Младеновски не нуди директни одговори. Неговите дела се места на тивко соочување: со себе, со сопствената историја, со сликата што останува по бришењето. Всушност, со оваа своја изложба Младеновски ја продолжува својата преокупација со трагата, меморијата и границите. Линијата, потегот и повторувањето стануваат средства со кои уметникот ги испитува границите меѓу видливото и невидливото, помеѓу она што е зачувано и она што е потиснато.
Младеновски е ликовен уметник чија практика се движи помеѓу графиката, цртежот и сликарството. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2020 година е член на ДЛУМ. Досега има реализирано петнаесет самостојни изложби, учествувал на повеќе од седумдесет групни изложби во земјава и странство и е добитник на шест награди меѓу кои и наградата „Млад уметник на годината 2024“ од фондацијата Јанкуловски.

