Со сослушување сведоци, денеска, во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето на судијата во Апелацискиот суд, Ѓоко Ристов. На денешното рочиште беа сослушани двајца сведоци, еден на Обвинителството – сопственик на мобиларница и еден од одбраната – адвокат, кој присуствувал на претрес во куќата на родителите на Ристов во Неготино.
Судењето продолжува на 6 октомври кога треба да се продолжи со сослушување сведоци на одбраната, меѓу кои и Фехми Стафа.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, по сослушувањето на сведокот, побара од судот да изврши увид во списи на предмети за двајца обвинети – Маријан Стоевски и Фехми Стафа, каде што судија е сега обвинетиот Ѓоко Ристов.
Со тоа заврши изведувањето на доказите од Обвинителство и почна изведувањето докази на одбраната.
Сведокот на одбраната, адвокат Александар Варела, кој бил присутен на претресот во куќата на Здравко и Донка Ристови во Неготино, објасни детално пред судот како се одвивал вториот претрес и двата дена во јануари и дека не очекувале до толку темелно пребарување во кое биле пронајдени парите заѕидани во ѕид.

