Со македонскиот мјузикл „Као какао“, работен по текст и драматургија на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски и со музика на Влатко Стефановски, вечер се затвара 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
„Као какао“ е љубовна приказна сместена во 70. години на минатиот век, која преку љубовта, амбицијата и стремежот кон слобода ја следи генерацијата соочена со притисоците, стереотипите и ограничувањата на времето во кое живее.
Настапува поголема екипа составена од Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и Анастасија Митровска.
За музичките аранжмани задолжен е Бобан Мирковски, кореографијата е на Олга Панго, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата на Марија Пупучевска.
Годинашното издание на „Охридско лето“ во текот на 40 фестивалски дена понуди богата програма со 48 настани во кои учествуваа над 700 уметници од 24 земји.

