Демократите се во еуфорија откако гласачите во повеќе сојузни држави низ земјата се изјаснија во нивна корист, отворајќи им пат кон освојување на мнозинството во Конгресот. Но, пораката од изборите треба да биде отрезнувачка и за нив: граѓаните се гневни поради високите трошоци за живот и очекуваат од своите избрани претставници навистина да преземат нешто за да ја подобрат состојбата, објави „Политико“.
Длабоките поделби во партијата ќе го отежнат исполнувањето на тие очекувања.
Доналд Трамп и натаму е претседател, но опозициската партија сега доби важни механизми за влијание врз политиките, а демократите ќе мора да ги надминат внатрепартиските разлики за да покажат дека можат да одговорат на загриженоста на гласачите. Во 2028 година изговорите нема да им помогнат многу доколку граѓаните и натаму се незадоволни.
Нема ниту време да се чека да заврши сезоната на претседателските внатрепартиски избори за да се утврди идниот правец на партијата. Демократите мора брзо да се договорат за стратегијата. Ова е особено важно сега кога неочекувано ги освоија и Претставничкиот дом и Сенатот, со што ги зголемија очекувањата на граѓаните.
Што повеќе ќе им донесе поддршка од гласачите: ако демократите усвојат законски предлози со поддршка само од сопствената партија и ги испратат на потпис кај претседателот, кој потоа ќе стави вето, или ако се обидат да ги искористат популистичките ставови на Трамп за да постигнат двопартиски договори и да донесат закони чии ефекти граѓаните ќе можат да ги почувствуваат во блиска иднина?
Залагањето за законски решенија што уживаат широка јавна поддршка, но се поддржани само од една партија – како, на пример, мерките за намалување на трошоците за здравствена заштита – би им овозможило на кандидатите на демократите во 2028 година да тврдат дека Белата куќа не прави доволно за решавање на проблемот со високите трошоци за живот, доколку Трамп не ги поддржи нивните предлози.
Од друга страна, вистинското креирање политики, со мерки што би можеле да ја добијат поддршката на претседателот, би можело полесно да им биде претставено на гласачите, иако Трамп е непопуларен, а двопартиската соработка често се потценува во денешната длабоко поларизирана политичка атмосфера.
Но, дали демократите воопшто можат да постигнат доволно согласност за да протуркаат законски решенија низ двата дома на Конгресот?
Одговорите на овие прашања почнаа да се бараат уште во средата. Без оглед на тоа каква стратегија ќе изберат партиските функционери, тие мора да се погрижат гласачите да ги забележат нивните потези, во спротивно ризикуваат и самите да се соочат со изборен бран против актуелната власт за две години.
„Гласачите не ја сакаат ниту едната, ниту другата партија“, изјави во вторникот вечерта поранешниот гувернер на Вирџинија, Тери Меколиф. „Тие само сакаат избраните функционери да седнат и да си ја завршат проклетата работа, односно да постигнат конкретни резултати.“
Голем дел од економските пораки на демократите во оваа изборна кампања се засноваа на спротивставување на политиките на Трамп. Нивните кандидати водеа кампања против царините на претседателот и големите кратења на средствата за програмата „Медикејд“. Тоа е политичка реалност што би можела да ѝ ја олесни на партијата одлуката да влезе во нов судир со републиканците. Се чини веројатно дека повторно ќе дојде до конфронтација околу финансирањето на владата, поради слични прашања.
Но, широкиот спектар идеолошки ставови на левицата би можел да го отежне постигнувањето договор дури и за овие прашања. Доволно е да се погледне примерот со царините на Трамп: законодавците се обединети во критиките, но поделени околу тоа што конкретно треба да се преземе. Увозните царини во моментов се крајно непопуларни, а демократите би можеле да пропуштат можност да остварат лесна политичка победа доколку премногу се заплеткаат во деталите.
На крајот, постојат многу различни интереси што треба да се усогласат. Претседателката на Американската федерација на трудот и Конгресот на индустриските организации (AFL-CIO), Лиз Шулер, која раководи со најмоќната работничка лоби-група во земјата и ќе има значајна улога во дебатата, не се обврза дека ќе поддржи укинување на најголемиот дел од царините на Трамп.
„Многу брзо се навлегува во детали, а имаме синдикати кои длабоко ја познаваат оваа проблематика, кои секојдневно живеат со неа и одблизу ги гледаат последиците врз своите работници“, изјави таа.
Суштинското прашање, всушност, има две димензии: што навистина ќе помогне, а што само ќе го ублажи гневот на гласачите?
Една од можностите што предизвикува загриженост кај директорите на големите компании, но и кај дел од умерените демократи, е стратегијата според која најдобар потег би било агресивно да се настапи против големите корпорации.
Линдзи Овенс, извршна директорка на прогресивниот тинк-тенк „Groundwork Collaborative“, е една од најистакнатите застапнички на ставот дека борбата против последиците од корпоративната алчност треба да биде еден од главните столбови на економската агенда на демократите. Таа смета дека партијата треба да ја искористи контролата врз Конгресот за да изврши јавен притисок врз директорите на компаниите, со цел да се намалат цените во одредени сектори.
Овенс, која претходно била советничка на сенаторката Елизабет Ворен од Масачусетс, признава дека некои сметаат оти ваквото однесување на конгресмените е само политичко претставување за собирање поени, но додава: „Јас не мислам така“.
Напротив, вели таа, станува збор за начин на користење на политичката моќ што помалку наликува на партиско надмудрување, а повеќе на обид да се заштитат интересите на граѓаните. Таа го пофали конгресменот Френк Палоне од Њу Џерси, поранешен, а можеби и иден претседател на Комитетот за енергетика и трговија на Претставничкиот дом, за неговиот фокус врз високите цени во 2022 година, кога тој конкретно вршеше притисок врз раководителите на компаниите.
Оваа идеја и натаму предизвикува отпор кај дел од пратеничката група на демократите, а има и свои ограничувања. Корпорациите имаат обврски кон своите акционери што не можат целосно да се надминат само со укор и јавни критики, а и нивните трошоци се зголемени.
Но, изборите не се добиваат со совршено осмислени политики. Тие се добиваат со предлози што можат да им се претстават на гласачите како убедливи и остварливи решенија.
Барем таа лекција, се чини, демократите ја научиле.
Во подготовките за претстојната дебата, партиските експерти за економски политики, по поразителната реакција на јавноста поради високата инфлација за време на мандатот на поранешниот претседател Џо Бајден, сега ги усовршуваат своите аргументи и начинот на кој ќе ги претстават пред граѓаните.
Лејл Брејнард, која во втората половина од мандатот на Бајден беше негов главен економски советник, сега раководи со проектот „Kitchen Table Project“ („Проект за прашањата од секојдневниот живот“), неформална иницијатива за креирање политики, која тврди дека се залага за практични решенија што ќе овозможат краткорочно намалување на трошоците и ќе наидат на поддршка кај гласачите.
„Да почнеме од она што луѓето навистина ни го кажуваат дека го сакаат. Потоа да се обидеме да ги земеме предвид и анализите на политиките, бидејќи нема никаква корист ако велите дека сакате да го решите проблемот со достапноста на стоките и услугите, а предлогот предвидува огромни нови буџетски расходи. Тоа не е изводливо во денешните буџетски услови и во услови на инфлација“, рече таа.
Но, и таа смета дека демократите не треба премногу да ги усложнуваат работите.
„Решенијата за кои слушавме за време на средбите со граѓаните, а потоа ги проверувавме и преку анкетите, не се однесуваат на нешто како: „Решете го проблемот со општото ниво на цените“. Никој не бара дефлација. Луѓето бараат конкретна и насочена помош“, изјави таа.
Трамп уште од изборната ноќ навестува дека е подготвен да постигнува договори со демократите, иако останува нејасно до кој степен навистина ќе се придржува до таквиот став.
Она што е јасно е дека гласачите се гневни. А ако демократите навистина добиле мандат од граѓаните, тогаш пораката е само една: нека покажат резултати или нека престанат со празните ветувања.

