Припадници на холандската полиција попладнево во Хаг се судрија со учесници на марш организиран од екстремно десничарската организација „Ние сме народот“.
Како што јави холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС, до инцидентот дошло пред почетокот на маршот, кога демонстрантите почнале да фрлаат со пиротехнички средства, сообраќајни знаци и други предмети кон полицајците, кон одговориле на нападите.
При судирите се уапсени повеќе демонстранти, но точниот број засега не е познат.
Учесниците на протестот, организиран во знак на незадоволство од владините политики, особено оние поврзани со миграцијата, се собраа во паркот „Маливелд“ во центарот на Хаг, од каде планираа да маршираат низ улиците на градот. Повеќето од демонстрантите беа облечени во црно, а некои и маскирани.
Поради инцидентот, Градската управа на Хаг одлучи да ја повлече издадената дозвола за одржување на маршот низ градот.
„Групата се отстранува на организиран начин. Издадена е и наредба за вонредна состојба. Полицијата е овластена да ги отстрани од областа лицата кои предизвикуваат немири“, соопшти Управата во објава на социјалните мрежи.
НОС јави дека по објавувањето на одлуката за забрана на маршот повеќето од присутните одлучиле доброволно да си заминат од „Маливелд“.

Сепак дел од нив останале во „Маливелд“, па полицијата формирала кордон за да ги спречи да се упатат по улиците градот или кон блискиот автопат.
Медиумите јавуваат дека дошло и до вербални расправи меѓу полицијата и демонстрантите околу маските за лице, затоа што неколкумина одбиле да ги отстранат.
Во врска со инцидентот се огласи и холандскиот министер за правда Дејвид ван Вил, кој во објава на социјалните мрежи оцени дека во „Маливелд“ се случиле „одвратни сцени“ и најави преземање на „строги мерки“ против учесниците во немирите.

