Германските сојузни покраини побараа од сојузната влада да воведе прецизно дефинирано кривично дело за поттикнување малолетници на самоповредување. Целта на мерката е поефикасно да се спречат таканаречените предизвици на социјалните мрежи во кои децата и младите си нанесуваат штета.
На TikTok, Instagram и на други платформи, корисниците често се поттикнуваат да извршуваат разни „задачи“, како што се консумирање екстремно лута храна или качување по опасни објекти.
Покраините изразуваат загриженост во врска со „форми на дигитално влијание врз децата и младите што би можеле да ги поттикнат на самоубиство или на нанесување тешки повреди врз самите себе“.
„Повиците за учество во таканаречениот ’Blackout Challenge‘ јасно ги илустрираат опасностите што произлегуваат од тоа – тешки повреди, трајно оштетување на мозокот и смрт.“
Сепак, се посочува дека сегашното кривично право има ограничувања кога станува збор за „воспоставување контакт, стекнување доверба и постепено поместување на границите на она што е прифатливо“.
Во „Blackout Challenge“, учесниците се гушат пред камерата сè додека не изгубат свест. Едно момче од Мекленбург-Западна Померанија завршило во болница откако друг ученик го гушел до губење свест во училишниот двор, изјави министерката за правда на таа покраина, Жаклин Бернхард.

