„ТАВ Македонија“ ја повлече одлуката со која едно возило можеше само еднаш да влезе на бесплатниот пристап во зоната Hug & Fly на Меѓународниот аеродром „Скопје“ во период од 24 часа.
Одлуката на „ТАВ Македонија“ доаѓа откако Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата побара дополнителни појаснувања и релевантни податоци во врска со воведеното ограничување на бесплатниот пристап.
По доставеното барање, „ТАВ Македонија“ ја извести Комисијата дека ја повлече одлуката со која бесплатниот пристап на едно возило беше ограничен на еден влез во период од 24 часа. Комисијата ја поздравува одлуката на „ТАВ Македонија“ за повлекување на мерката и ќе продолжи да ја следи состојбата и условите за пристап до аеродромската инфраструктура, особено од аспект на обезбедување еднакви и недискриминаторски услови за сите учесници на пазарот, информираше Комисијата за заштита на конкуренцијата.

