Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, криел факти во врска со незаконски воведено ограничување на брзината, за кое се проценува дека резултирало со повеќе од 66.000 неоправдани казни, објави денеска британскиот весник „Телеграф“.
Според извештајот, тој ставил вето на независна истрага за привремената промена на ограничувањето на брзината – промена што засегнала десетици илјади возачи и донела над шест милиони фунти за градскиот сообраќаен орган, „Транспорт фор Лондон“ (TfL), кој, според „Телеграф“, се соочува со сериозни финансиски тешкотии.
Сепак, документите откриваат дека промената била незаконска и дека претставниците на TfL биле свесни за проблемот уште пред повеќе од две години.
Одлуката на Високиот суд, исто така, потенцијално го отвора патот за поништување на казните за сите санкционирани возачи и за враќање на средствата што тие ги платиле.
Покрај тоа што одбил да покрене истрага, Кан – според британскиот весник – исто така го игнорирал барањето за интервенција упатено од тројца пратеници.
Ова откритие дополнително ќе го зголеми притисокот врз администрацијата на Кан, во услови на сомневања дека тој се залагал сериозниот пропуст на претставниците на TfL да остане скриен од јавноста, наведува „Телеграф“. Томас Турел, портпарол за транспорт на Конзервативната група во Собранието на Лондон, изјави дека ова претставува „огромна неправда кон возачите“.
„Илјадници возачи беа жртвувани на олтарот на неспособноста на градоначалникот да признае дека е направена грешка“, рече тој.
Во октомври 2023 година, претставници на „Транспорт фор Лондон“ (TfL) искористиле сообраќаен налог за да го намалат ограничувањето на брзината на патот А20 – помеѓу Сидкап и Свонли – од 70 милји на час (приближно 113 км/ч) на 40 милји на час, по инцидентите во кои автомобилите почнале да лизгаат и да излетуваат од патот поради обилните дождови.
Биле поставени камери за мерење на просечната брзина, а само во првите шест недели, поради оваа неочекувана промена, било утврдено дека околу 62.000 возачи направиле прекршок. Една година подоцна, откако завршија работите на системот за одводнување – со што патот А20 стана побезбеден – ограничувањето на брзината беше вратено на 70 милји на час (околу 113 км/ч).
Според весникот „Телеграф“, многумина едноставно ја прифатија казната од 100 фунти и трите казнени поени во своите возачки дозволи.
Кога возачите кои ги оспорија казните стигнаа до суд, претставници на „TfL“ (Transport for London) и припадници на Метрополитенската полиција сведочеа под заклетва дека ограничувањето на брзината било променето во согласност со законот. Ова прашање минатата година беше покренато и пред Собранието на Лондон, при што беше побарано од градоначалникот Кан да покрене независна истрага – барање што тој го одби.
Сепак, минатиот месец, судот ослободи еден возач од обвинението за пречекорување на брзината, откако беше приложен документ со ознака „TfL – Ограничено“ (TfL – Restricted). Во него се открива дека службеникот од организацијата, кој го потпишал налогот за промена на ограничувањето на брзината, немал овластување за такво нешто.
Се очекува ова да поттикне правни постапки од страна на илјадници возачи кои сакаат да ја докажат својата невиност.
Тарел побара спроведување независна истрага за наводното прикривање.

