Суд во Холандија донесе одлука со која на кинескиот производител на автомобили БИД привремено му е забрането да го продава својот модел Tи-7 во Европската Унија, затоа што премногу наликува на „Ленд Ровер Дефендер“.
Одлуката е донесена по тужбата на британскиот производител „Џагуар Ленд Ровер“ (ЈЛР) против БИД за плагијат.
Според експертите и љубителите на автомобили, со масивниот дизајн, седумте седишта и резервното тркало на задната врата кинескиот теренец „БИД Ти-7“ многу наликува на „ Ленд Ровер Дефендер Л663“.
Капката што ја прели чашата за ЈЛР беше најавата на БИД дека планира да го пласира моделот Ти-7 и во Велика Бритнија, по што британскиот производител го обвини кинескиот ривал за повреда на правата од интелектуална сопственост и покрена судска постапка.
Фактор што несомнено игра улога е и намерата на БИД да го понуди моделот во Велика Британија по цена од 57.000 евра, што е за речиси 25.000 евра поевтино од основната верзија на „Дефендер“.
Забрана за продажба
ЈЛР побара од Судот во Хаг да воведе забрана за продажба во ЕУ и во Велика Британија. Случајот се разгледуваше во Холандија бидејќи европското седиште на БИД се наоѓа во холандскиот град Схидам.


Судот во Хаг се согласи со ставот дека двата автомобила се премногу слични. „Некои карактеристични елементи доминираат во целокупниот впечаток. Разликите на кои укажува БИД не се доволно впечатливи за значително да влијаат врз општиот впечаток“, речи Судот.
Судот воведе привремена забрана за продажба во ЕУ, но за таа да стане трајна ЈЛР мора во рок од 6 месеци да покрене главна судска постапка.
„Доколку тоа не се случи, забраната наметната за BYD може да ја изгуби својата правна сила“, наведе Судот.
ЈЛР побара забрана за продажба и во Велика Британија, но Судот во Хаг појасни дека таква забрана може да воведе само за територијата на ЕУ.
Интересно е што кинескиот производител на автомобили наведува дека во моментов нема планови за продажба на тој модел во Европската Унија.
Не е првпат
Спорот со БИД не е првата тужба што ЈЛР ја поднесува против некоја кинеска компанија поради наводи за плагијат.
Во 2019 година, по тригодишна правна битка, британскиот производител на автомобили доби судски спор со кој на кинеската компанија „Џианглинг Мотор Корпорејшн“ (ЈМЦ) ѝ беше забранета продажба на моделот „Лендњинд Икс7“, за кој се тврдеше дека премногу наликува на „Рејнџ Ровер Евок“.

