Владата и војска на Иран се свесни за плановите на САД да изведат нови напади, јавија иранските државни медиуми, посочувајќи дека за тоа Вашингтон имаат поддршка од други земји во регионот на Блискиот Исток.
Во информација на иранските медиуми сепак не се посочува дали Иран е свесен оти САД планираат напади врз негова територија или врз позициите на шиитските бунтовници Хути во Јемен, кои имаат поддршка од иранскиот режим.
Ваквите тврдења од Техеран доаѓаат откако вчера американскиот претседател Трамп предвреме од планираното го прекина одморот во Кемп Дејвид и се врати во Белата куќа.
Причината за предвременото враќање не е соопштена, но тоа уследи по нападот на Хутите врз саудискиот главен град Ријад, вклучително и резревоар за гориво во сопственост на нафтениот гигант „Арамко“, лоциран во близина на на ријадскиот меѓународен аеродром. Саудиска Арабија е најзначајниот сојузник на САД меѓу арапските земји.
Иранската армија веќе ги предупредува САД дека каква било воена акција би довела до долготрајни напади од страна на Иран врз американските бази и други цели во регионот. Таа исто така ги предупредува другите земји што ги поддржуваат САД дека и тие ќе се сметаат за вклучени страни.
Во меѓу време, Стејт департментот и голем број американски амбасади во регионот издадоа безбедносни предупредувања за Американците на Блискиот Исток.
Во предупредувањата се укажува на „ризик од непредвидена ескалација“ и се напоменува дека „Хутите презеле непријателски дејствија против Саудиска Арабија, вклучително и напади врз цивилни аеродроми“.

