Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли мировниот предлог од Иран, тврди американскиот весник „Волстрит Џурнал“, повикувајќи се на изјави на официјални лица од Администрацијата на САД.
Според изворите на весникот, Трамп не верува дека Иран е навистина подготвен да направи отстапки во новите преговори.
Техеран предложи воспоставување седумдневен прекин на огнот, за време на кој би можел повторно да се отвори Хормуцкиот Теснец и да продолжат преговорите за договор за иранската нуклеарна шрпграма.
За возврат, Иран бара од Американците да ја укинат блокадата на иранските пристаништа, мерка која претставува тежок удар за режимот во Техеран, чии приходи во голема мера зависат од извозот на нафта.

Според анонимни извори, Трамп планира да изврши нови бомбрадирања на ирански цели, но тоа би се случило дури по изборите за Конгресот на САД на почетокот на ноември, со цел да се избегне уште поголемо незадовоство на гласачите од Републиканската партија поради растот на цените предизвикани од американските напади врз Иран.
Иран: На САД е да одлучат дали сакаат да ја завршат војната
Во меѓу време, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во интервју за Фокс Њуз изјави дека останува на САД да одлучат дали сакаат да ја завршат војната против Иран.
„Ние не ја започнавме војната, но ако тие сакаат да продолжат со борбите, ние ќе одговориме одлучно и со цврста увереност“, изјави Пезешкијан.
Според него, САД сакаат да го принудат Иран на капитулација, користејќи средства што „излегуваат надвор од рамките на меѓународното право, што е невозможно“.

Трамп претходно оваа недела информира дека на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, САД одржале средба со претставници на иранскиот режим.
Во интервјуто Пезешкијан говори и за договорот за прекин на огнот што Иран и САД го постигнаа во јуни, но кој пропадна на почетокот на јули, нагласувајќи дека сака спогодба што ќе се „надоврзе“ на јунскиот договор.
Пезешкијан се осврна и на иранскиот лидер Моџтаба Хамнеи, кој беше тешко ранет во американско-израелските воздушни напади кон крајот на февруари. Иранскиот претседател тврди дека Хамнеи е во добра здравствена состојба и дека „пред само еден месец“ имал средба со него, која траела „седум часа“.

