По острата критика кон Обединетите нации за време на неговиот минатогодишен говор, овој пат во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк американскиот претседател Доналд Трамп беше поумерен кон Светската организација, па дури и двапати се заблагодари за усвојувањето на резолуции поднесени или поддржани од САД.
Сепак, Трамп и во денешното 37-минутнутно обраќање не ги поштеди целосно ОН, упатувајќи остри критики кон „глобалистите од УНЕСКО“, а Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг го нараче „сурова група луѓе“. Американскиот претседател ги повика земјите членки да се повлечат од Судот и нагласи дека институцијата „нема мандат да ги изведе пред лицето на правдата американските војници или други Американци“.
Според Трамп, ОН му наметнуваат „радикално-левичарски поглед на светот“ на остатокот од планетата.
Во обраќањето Трамп истакна и колку добро напредува неговата земја и колку е силна позицијата на САД во светот. Според Трамп, американската економија бележи добри резултати, војската е посилна од кога било, а глобалната безбедност е значително подобрена откако тој ја презеде функцијата.
Трамп ги отфрли како неточно информациите оти САД немаат доволно муниција на располагање за снабдување на сојузниците, за тоа што потрошиле голем дел во војната против Иран.
„Кукавиците и предавниците сакаат да зборуваат дека американската муниција се троши. Но, тоа не е точно. Имаме повеќе муниција отколку што некогаш би можеле да искористиме, а ја произведуваме со темпо какво што никогаш претходно не сме го имале. Ги надополнуваме залихите побрзо од кога било“, рече американскиот претседател.

Трамп, исто така, нагласи и дека „фабриките работат со полн капацитет“, така што САД наскоро ќе можат многу побрзо да ги снабдуваат сојузниците со ракети и друга муниција.
Иран или ќе прифати договор или ќе биде уништен
Уште една важна тема во говорот на Трамп беше војната со Иран. Тој тврдеше дека „го спречил Иран да развие нуклеарно оружје“, но изјави и дека треба да донесе важна одлука.
„Дали да се склучи договор со Иран, што ќе им овозможи да се обноват и да изградат многу помоќна земја? Или да ја уништам Исламската Република и тоа да го направам брзо, без никогаш повеќе да им дадам шанса да убиваат и уништуваат луѓе и земји? Дали да ги испратам во пеколот, без никаква шанса за опстанок?“, рече Трамп.
Според Трамп, можно е Иран да не биде подготвен за договор сè додека не поминат ноемвриските избори за Конгресот во САД.
„Ги повикувам сите земји да се приклучат кон економското изолирање на Иран сè додека не престанат со нападите врз трговските бродови, не се откажат од своите нуклеарни амбиции и не престанат со тероризмот. Ако останеме обединети, наскоро ќе видиме како иранскиот режим исчезнува, а цените на нафтата нагло паѓаат“, порача Трамп.
Во бомбастичниот говор, кој како да беше скроен за американските гласачи уморни од војни, Трамп се пофали дека, под негово водство, САД успешно им се спротивставуваат на своите противници и го преобликуваат светскиот поредок во своја полза.

„Додека другите зборуваа за мир, јас го постигнав мирот. Додека другите ги игнорираа заканите, јас се соочив со нив“, рече Трамп.
Во својот говор, Трамп се осврна и на дипломатските контакти во врска со Газа, кои се одржаа во Њујорк минатата година и на крајот доведоа до договор за примирје во Газа. Според него, овој договор е доказ дека „големи промени можат да се случат брзо“.
На Русија и Украина им е преку глава од војната, таа ќе заврши порано од очекуваното
Трамп понатаму изјави и дека е можно војната меѓу Украина и Русија да заврши порано од очекуваното.
„Напорно работиме заедно со лидерите на Русија и Украина и ќе го решиме тоа. Ќе се реши побрзо отколку што луѓето веруваат, истакна Трамп.
Тој нагласи дека и на Русија и Украина им е преку глава од војната, посоќувајќи дека секој месец, 25.000 млади луѓе ги губат животите на двете страни.
Во делот од говорот посветен на Украина, Трамп како и лани ги истакна хуманитарните напори предводени од неговата сопруга Меланија Трамп.

„Сакам да ја оддадам и признание за извонредната работа на нашата одлична прва дама, која овозможи безбедно враќање дома кај нивните семејства на многу раселени украински и руски деца. Одлична работа. Таа вложи огромен труд во тоа“, рече Трамп, проследен со аплауз од присутните.
Минатиот месец, Белата куќа соопшти дека 34 деца се повторно споени со своите семејства во Украина и Русија, откако Меланија Трамп упати личен апел во писмо до рускиот претседател Владимир Путин.
Американскиот претседател се осврна и на договорот со Данска и Гренланд, чија цел е проширување на американското воено присуство на островот. Според Трамп, согласно договорот Вашингтон ќе изгради „две големи воени бази“ на Гренланд.
По обраќањето, Трамп и премиерите на Данска и на Гренланд, Мете Фредериксен и Јенс-Фредерик Нилсен официјално го потпишаа Договорот.
Америка „нема да биде земја пролетерска“
Поголемиот дел од остатокот на говорот беше посветен на истакнување на неговите сопствени достигнувања во претворањето на САД во „најмоќна земја во светот“.
Говорејќи во институцијата која се заснова на меѓународното право и почитувањето на човековите права и меѓународните договори, Трамп не спомена ништо за овие прашања во САД, но затоа се осврна на состојбите во Куба, нагласувајќи дека тоа е „пропадната држава“ и дека „слободата ќе стигне“ на островот.
„Мојата администрација се стреми кон суштинска промена на состојбата во Куба, каде што комунистичкиот режим е под голем притисок, најголемиот притисок на кој некогаш бил изложен. Тоа е апсолутно пропадната држава. Таа пропаѓа како никогаш досега и ќе падне. Комунизмот никогаш нема да дојде во Америка, но слободата ќе дојде во Куба“, рече Трамп во својот говор.

Инаку, за време на обраќањето на Трамп, кубанската делегација ја напушти салата на Генералното собрание на ОН.
Нарко-картелите се „Исламска држава на Западната хемисфера“
Трамп нагласи дека ќе ја искористи „неспоредливата воена моќ“ на САД за да ги заштити интересите на Вашингтон во Латинска Америка.
При тоа, тој укажа на опасноста од нарко-картелите, кои ги нараче „Исламска држава на Западната хемисфера“
„Нарко-картелите се Исламска држава на западната хемисфера. Тие не се добри луѓе. Тие користат убиства, силувања и злоупотреби за да шират страв. Исто како и Исламската држава, тие мора да бидат убиени или уапсени, без можност за ослободување“, рече Трамп.
Тој повтори0 дека ќе ја продолжи борбата против нарко-картелите, групи кои американската Влада сега ги смета како „терористички организации“, па затоа војската на САД врши напади врз нивните бродови.
„Мексико е епицентарот на насилството од картелите и за нас е неприфатливо тоа што се случува – земја контролирана од тие картели. Затоа, Мексико мора да ја врати контролата врз својата територија“, рече Трамп.
Тој, исто така, повика на дијалог меѓу САД и Кина за иднината на вештачката интелигенција и ги издвои глобалните енергетски компании поради тоа што ја третираат атмосферата „како отворена канализација“.

