Цените на нафтата паднаа по среднорочните избори во Соединетите Држави, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
„Зар не е интересно што цените на нафтата паднаа по среднорочните избори? Ви реков дека ова ќе се случи. Сè е тоа една огромна измама!“ – напиша Трамп на својот профил на социјалната мрежа „Truth“.
Трамп истакна дека предвидил две работи пред среднорочните избори во САД, одржани на 3 ноември.
„Прво, дека победата на демократите ќе доведе до значителен пад на берзите – што е токму она што се случи; и второ, дека Исламската Република Иран – која досега има убиено 81.000 демонстранти – ќе стане поагресивна во своите напади, што исто така се оствари“, наведе Трамп.
Американскиот претседател напомена дека во текот на изминатата недела, Иран лансирал повеќе беспилотни летала и ракети отколку во кој било друг момент во последната година или повеќе. „Не грижете се, сите беа соборени и не предизвикаа никаква штета. Иранските лидери ги сметаат демократите за слаби, неефикасни и деструктивни за земјата – но јас нема да дозволам тоа да се случи! И демократите и Иран силно се бореа да ги одржат цените на нафтата високи што е можно подолго, но по изборите, цените на нафтата забележаа рекорден пад. Штета што гласачите не го сфатија ова пред да ја донесат својата одлука, но целите избори беа многу ’чудни‘. На крајот, Америка ќе победи! Ви благодарам за вниманието посветено на ова прашање“, заклучи Трамп.
На среднорочните избори во САД, одржани на 3 ноември, Демократската партија освои мнозинство во двата дома на Конгресот – Претставничкиот дом и Сенатот. Како резултат на тоа, Републиканската партија на американскиот претседател Доналд Трамп ја изгуби контролата врз законодавната власт на половина од неговиот мандат.
Трамп: Цените на нафтата нагло паднаа по среднорочните избори; сè беше измама

