Една од трите партии во мароканската владина коалиција, прогресивната Партија за автентичност и умереност (ПАМ) победи на вчерашните парламентарни избори во Мароко, покажуваат прелиминарните изборни резултати.
ПАМ ќе има 97 места во новиот состав на 395-члениот марокански Парламент, пред останатите две владејачки партии – либералниот Национален собир на независните (РНИ), кој освои 66 пратеници и конзервативната Партија на независноста (ПИ) со 65 мандати.
На четвртото место се пласира опозициската исламистичка Партија на правдата и развојот (ПЈД) која освои 54 места.
Резултатите покажуваат дека најмногу места загуби досега најголемата партија РНИ, која во новиот состав ќе има 36 пратеници помалку, додека најголем раст оствари ПЈД, чие пратеничка група сега ќе има 41 пратеник повеќе од досега. ПАМ освои 10 пратеници повеќе, а ПИ загуби 16. Мандати во Парламнетот усвоија уште 10 партии.
Сега се очекува премиерот Азиз Ахануш од РНИ да поднесе оставка и на негово место мароканскиот крал Мухамед Шести да именува кандидат од редовите на ПАМ.
Како можни кандидати за нов премиер медиумите ги посочуваат актуелниот министер за буџет и претседател на Мароканската фудбалска федерација, Фузи Лекџа, кој пред само неколку месеци ѝ се приклучи на ПАМ, и министерката за просторно планирање и градоначалничка на Маракеш, Фатима Езахра Ел Мансури.
Доколку биде избрана Ел Мансури, таа ќе стане првата жена премиер на Мароко.
Незадоволство и недоверба
Излезноста на изборите изнесуваше само 38,02 отсто, што аналитичарите го припишуваат на длабоката недоверба на населението кон политиката.
„Сè што е под 40 отсто треба да биде сигнал за криза на легитимитетот“, изјави политикологот Фуад Гандул.
Аналитичарите посочуваат дека во Мароко веќе извесне период владее клима на недоверба кон политичката класа, особено меѓу младите. Населението е незадоволно поради високата невработеност, нееднаквоста и ниската куповна моќ, додека десетици милијарди евра се инвестираат во проекти поврзани со Светското првенство во фудбал, што ќе се одржи во 2030 година, на кое Мароко ќе биде кодомаќин заедно со Шпанија и Португалија.
Изборите се одржаа една година по протестите на „Генерацијата Зет“, при кои главно млади луѓе излегоа на улиците за да укажат на проблемите во земјата. Полицијата остро реагираше за задушување на протестите, по кои, според аналитичарите, многу малку работи се подобриле.
Незадоволството од условите за живот во Мароко повторно изби на површина кон крајот на јули, кога десетици илјади млади луѓе ја преминаа границата кон шпанската енклава Сеута, иако тоа не одигра голема улога во изборната кампања.
„Новата влада треба да направи нешто во врска со таа недоверба. Не само кај младите, туку кај сите. Но, нејасно е дали овие настани воопшто има некаков ефект врз мароканските политичари“, оценува аналитичарката Самира Џадир.

