Здружението за меѓународна младинска соработка „Интерактив“ организира тркалезна маса на тема „Заштитата на животната средина во Битола: од граѓански мониторинг до конкретни мерки и институционална отчетност“, посветена на актуелните еколошки предизвици во градот и можностите за нивно надминување.
Како што соопштуваат организаторите, целта на настанот е да се поттикне отворен дијалог меѓу граѓанскиот сектор, надлежните институции и јавноста за транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во креирањето и спроведувањето на локалните политики за животна средина.
Тркалезната маса ќе ја отвори заменик-претседателот на „Интерактив“, Иван Дургутов, кој ќе ја претстави целта на проектот и активностите.
Во рамки на програмата, директорот на ЈКП „Комуналец“ – Битола, Горан Степановски, ќе говори за локалните политики и мерки за заштита на животната средина, со осврт на досегашните активности, предизвиците и приоритетите во оваа област.
Претседателот на битолското здружение „Геосфера“, Мите Ристов, ќе се осврне на улогата на граѓанскиот сектор во заштитата на животната средина, преку претставување искуства, согледувања и препораки.
Предвидена е и отворена панел-дискусија, а во завршниот дел учесниците ќе имаат можност да постават прашања, да ги идентификуваат клучните еколошки проблеми и да предложат конкретни мерки и решенија за нивно надминување, по што ќе бидат донесени заклучоци и препораки

