Турскиот инструментален психоделичен рок-бенд Hayvanlar Alemi ќе настапи во Македонскиот паб „Ѕе“, по двегодишна пауза од последниот концерт во Скопје. Настапот е закажан за вечерва во 20 часот, а влезницата ќе чини 300 денари.
Бендот, основан во Анкара во 1999 година, е познат по својот специфичен музички израз, кој ги спојува психоделичниот рок, дум металот, жанровските експерименти и слободната импровизација. Нивната музика опфаќа елементи од гаражниот и сурф-рокот, прогресивниот рок, дабот, фри џезот, пост-панкот и стоунер рокот, надополнети со ритмички и мелодиски влијанија од Блискиот и Далечниот Исток, Африка, Латинска Америка и Источна Европа.
Во текот на 27-годишното постоење, Hayvanlar Alemi имаат објавено бројни изданија преку меѓународни дискографски куќи како Sublime Frequencies, Glitterbeat, Unrock и Subsound. Нивниот последен студиски албум „Psychedelia in Times of Turbulence“ е објавен во 2020 година за Subsound Records од Рим. Во 2023 година го објавија и концертниот албум „Evidence of Life on Earth: Concert Recordings from Ankara, Istanbul and Belgrade, 2018–2019“, со снимки од настапите во Анкара, Истанбул и Белград.
Музиката на бендот добила позитивни критики во публикации како Wire, Bandcamp Daily, Vice, The Guardian, Metal Hammer и Pitchfork, а досега имаат одржано повеќе од 100 концерти во 20 земји.
Во Скопје ќе настапат во трио формација, составена од основачите Özüm İtez на електрична гитара и Işık Sarıhan на тапани, заедно со македонскиот басист Дени Омерагиќ, познат од составите Светлост, Odron Ritual Orchestra, Строг Пост, Fighting Windmills и DUNYHA.
Како предгрупа ќе настапи трио во состав Благојче Томевски, Мартин Џорлев и Драган Теодосиев. Томевски е бас-кларинетист активен на македонската џез и импровизаторска сцена, Џорлев е музичар, композитор и мултиинструменталист, а Теодосиев е тапанар, импровизатор и композитор, активен во повеќе домашни и меѓународни музички соработки.

