Наградуваната претстава „Уна“ на Звездара театарот од Белград денес и во среда гостува на сцената на Македонскиот народен театар.
„Уна“ доаѓа во Скопје како едно од впечатливите регионални театарски остварувања, во режија на Дејан Пројковски, а во главната улога е Никола Ристановски.
Создадена според драмскиот текст на Стеван Копривица, инспириран од култниот роман на Момо Капор, претставата отвора интимен и длабоко емотивен простор во кој се преплетуваат љубовта, сеќавањата, минливоста и изборите кои го определуваат човековиот живот.
Во улогата на професорот Мишел Бабиќ настапува Никола Ристановски, а покрај него играат и Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.
Вредноста на претставата е потврдена и со низа значајни фестивалски признанија.
Никола Ристановски е добитник на наградата „Зоранов брк“ за најдобро актерско остварување на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и на признанијата за најдобар актер на Актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и фестивалот „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука.
Претставата ја освои наградата од публиката на „Денови на Зоран Радмиловиќ“, а на Фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац ги освои наградите за најдобра претстава и награда од публиката.
Билетите за двете изведби се достапни онлајн преку веб-страницата на МНТ, како и на билетарницата, која работи секој работен ден од 13 до 20 часот.

