Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по 23. пат го одбележуваат Светскиот ден на филозофијата, со програма посветена на современите филозофски предизвици и одбележување на 100 години од раѓањето на францускиот мислител Мишел Фуко.
Настаните започнуваат денеска во 9 часот на Филозофскиот факултет. Свечениот дел, кој јубилејно се организира по десетти пат, ќе го отворат студенти од Факултетот за музичка уметност, од класата на проф. м-р Дарко Багески, со изведба на дела од Фердинандо Карули, Мануел де Фала и Јохан Штраус помладиот.
Во рамки на програмата ќе биде промовиран 39. број на националното филозофско списание „Филозофска трибина“, а ќе биде доделена и наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2026 година, која годинава ѝ припадна на проф. д-р Вера Георгиева.
Работниот дел е посветен на симпозиумот „100 години Фуко: субјект, знаење, моќ“, со кој се одбележува еден век од раѓањето на мислителот Мишел Фуко (1926–1984). Целта е критичко преиспитување на актуелноста на неговите концепти за биополитиката, дисциплинарните механизми и врската меѓу знаењето и моќта во контекст на современото дигитално и технолошко општество.
Симпозиумот ќе се одвива во две сесии. Првата, од 11:30 до 13:30 часот, ќе ги опфати излагањата на д-р Стивен Фридман од САД, Љубомир Гајдов, д-р Данка Јовева, д-р Марија Тодороска и д-р Пантелеј Кондратјук. Втората сесија е закажана од 14 до 16 часот, со учество на доц. д-р Бошко Караџов, м-р Боби Ивановски, Томислав Захов и д-р Игор Поп Трајков.
Централниот светски настан на УНЕСКО во Париз годинава е предавањето на сенегалскиот филозоф Сулејман Башир Дијањ на тема „Живеење на Земјата заедно“, со кое се истакнува улогата на филозофијата како етички компас во справувањето со глобалните кризи, обновата на општествените врски и предизвиците на вештачката интелигенција.

