Францускиот претседател Емануел Макрон изјави за TF1 дека тензиите низ Европа растат додека Русија ги засилува своите непријателски дејствија.
„Ситуацијата навистина станува сè потензична – за Украина, која е во војна со Русија од февруари 2022 година, и за нас Европејците, бидејќи бројот на непријателски дејствија од страна на Русија низ Европа нагло се зголеми во последните недели“, рече Макрон.
Макрон изјави дека американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) не ѝ доставила на Франција информации за наводен руски план за лансирање беспилотни летала од цивилни бродови за напад врз земји во јужна Европа.
Новинарите го прашаа Макрон дали Франција би можела да биде цел на руски беспилотни летала, осврнувајќи се на тврдењето на Германија дека Русија се подготвува да го саботира аеродромот во Лајпциг со помош на беспилотни летала.
„Мојот одговор е да. Да бидеме јасни: Русија ја гледа Европа како стратешка база за поддршка на Украина, бидејќи Европејците ѝ помагаат на Украина. Со години сме цел на информациски операции и кибернапади. Франција не видела напади како оние во Лајпциг. Но, мора да имаме јасна претстава за тоа како се развива заканата. Мора да се подготвиме“, рече Макрон.
Макрон, исто така, рече дека Франција верува оти е веројатно Русија да одлучи да мобилизира 300.000 војници. Тој рече дека има „неколку индикации“ дека Русија се подготвува да го стори тоа. „Прашањето е дали Русија ќе го објави тоа јавно“, рече Макрон.
На 18 септември, Макрон се сретна со лидерите на француските политички партии , а потоа ѝ наложи на владата да подготви план за заштита на критичната инфраструктура, вклучувајќи ги и објектите на одбранбената индустрија, од беспилотни летала и кибер напади. Тој ја обвини Русија дека се обидува да ги заплаши европските земји и да ја ослабне поддршката за Украина.

