Осум големи француски синдикати денес ги повикаа државните службеници на штрајкови и протести, барајќи повисоки плати и отфрлајќи ги планираните кратења на буџетот пред неговото претставување за 2027 година.
Синдикатите најавија повеќе од 150 демонстрации во 90 департмани, објави „Ле Фигаро“.
Според проценките на синдикатот FSU-SNUipp, околу 40 отсто од наставниците во основните училишта би можеле да учествуваат во штрајкот.
Синдикатите од секторот образование, меѓу другото, бараат враќање на автоматската поврзаност меѓу вредноста на индексниот поен и инфлацијата, истакнувајќи дека платите на наставниците во основните училишта заостануваат 24 отсто зад инфлацијата од 2010 година.
На штрајк повикаа и синдикатите на наставниците во средните училишта, додека студентските организации најавија мобилизација и блокади на училиштата и универзитетите.
Во штрајкот се вклучија и работниците во јавниот превоз.
SNCF очекува железничкиот сообраќај главно да се одвива нормално, иако се предвидува намален број возови на одредени линии во регионот Ил-де-Франс.
Се очекува нормално функционирање на париското метро и на повеќето линии на RER.
Можни се и прекини во авионскиот сообраќај. Француската управа за цивилно воздухопловство побара од авиокомпаниите да го намалат бројот на летови за 5 отсто на аеродромот „Шарл де Гол“ и за 25 отсто на аеродромот „Марсеј-Прованса“.
Прекини се можни и на неколку други аеродроми, вклучувајќи ги Нант, Стразбур, Лимож и По.
На штрајк се повикани и здравствените работници.
Синдикатите бараат подобри услови за работа и подостапна здравствена заштита, како и гаранции за континуитет на грижата за пациентите во болниците.
Сите синдикати што ги застапуваат вработените во „Франс Травај“ (France Travail) – француската јавна служба за вработување – исто така ќе се приклучат на штрајкот за да протестираат против платите, реорганизацијата и кратењата на буџетот.
Синдикатите наведуваат дека планираните заштеди би можеле да доведат до намалување на буџетот за околу 100 милиони евра за „Франс Травај“ и до губење на 400 работни места.
Планови за мобилизација најавија и пожарникарите; Нивните синдикати бараат отворање на 21.000 нови работни места, подобра здравствена заштита и реорганизација на начинот на кој се извршуваат нивните должности.
Според претставник на синдикатот, околу 8.000 пожарникари планираат да учествуваат на протестот во Париз.
Во Париз, главните демонстрации треба да започнат во 14:00 часот на плоштадот „Република“, а најавени се протести и во Марсеј, Лион, Лил, Стразбур, Тулуз, Рен и Нант. Генералната секретарка на CFDT, Мерилиз Леон, изјави дека на државните службеници им е потребно зголемување на платите, додека лидерката на CGT, Софи Бине, рече дека вторник би можел да биде „црн ден“.
Франција: Државните службеници најавуваат штрајкови и протести низ целата земја

