Двајца Германци се уапсени откако сакајќи да се „пошегуваат“ залепиле две слики на ѕидот од салата во која е изложено делото „Мона Лиза“ во парискиот музеј Лувр, соопштија извори во француксата полиција.
Двајцата мажи употребиле леплива лента за да ги залепат сликите со димензии 30 на 40 сантиметри во салата каде што посетителите масовно доаѓаат за да го видат ремек-делото на Леонардо да Винчи.
На едната слика бил прикажан еден од двајцата мажи во оклоп, додека другата претставувала портрет на двајцата мажи во друштво на една жена.
Обезбедувањето на музејот ги задржало двајцата мажи и повикало полиција, која ги уапсила поради нанесување помала штета на ѕидот. Во разговорот со полицијата, тие изјавиле дека го направиле тоа за да се пошегуваат.
Двајцата мажи ќе бидат повикани да се јават во суд откако музејот ќе поднесе официјална пријава за штетата, наведоа полициските извори.
Самата „Мона Лиза“, која сега се наоѓа зад дебел слој заштитно стакло, не претрпела никаква штета за време на инцидентот.
Раководството на музејот е во состојба на зголемена будност овие денови, по серијата кражби во француските музеи и галерии, кои укажаа на несоодветно обезбедување во одредени случаи и поттикнаа прашања дали криминалните банди ги гледаат овие институции како лесни цели.
Самиот Лувр беше цел на напад минатиот октомври, кога беа украдени осум парчиња накит во вредност од милиони долари за време на кражба извршена среде бел ден. Иако се уапсени четворица осомничени, украдените предмети сè уште не се пронајдени, и покрај опсежните пребарувања од страна на француските истражители.
Минатата година Лувр прими околу девет милиони посетители, што е далеку над предвидениот капацитет и доведе до проблеми со пренатрупаноста.
Во мај, францускиот претседател Емануел Макрон најави голема реконструкција на музејот, која ќе опфати нов простор за „Мона Лиза“ и нов влез во музејот.

