Агенцијата за безбедност на авиосообраќајот на Европската Унија (ЕАСА) на холандската компанија „Пал-Веј“ („Pal-V“) ѝ издаде одобрение за производство на летачки автомобил.
Станува збор за возилото со три тркала, што потсетува на мал хеликоптер и доколку сè оди според планот, првите летачки автомобили на „Пал-Веј“ би можеле да полетаат во 2028 година.
„Работиме на ова 20 години, па затоа отвораме шампањ“, изјави генералениот директор на „Пал-Веј“, Роберт Дингемансе за холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС.

Компанијата доби дозвола за движење на возилото по патиштата од холандската Национална управа за патен сообраќај уште во 2020 година, но досега се чекаше на одобрение од ЕАСА.
„Сега кога е добиено одобрение од EAСA, наскоро навистина ќе започнеме со производство на првите автомобили. Потоа мора повторно да ги тестираме за да покажеме уште еднаш дека ги почитуваме сите упатства. Тоа ќе трае уште година и половина“, истакна Дингемансе.

Според техничките спецификации, трансформацијата од автомобил во леталто трае околу две минути. За управување на овој автомобил по патиштата е доволна возачка дозвола, но за летање е потребна пилотска дозвола.
Со полн резервоар, летечкиот автомобил може да прелет приближно 500 километри.
Сепак, за полетувањето и слетувањето не можат да се користат јавни патишта, туку овие возила мора да се креваат во воздухот од аеродромски писти, за што им се доволни и мали аеродроми со едноставна писта.
Цената на летачкиот автомобил се очекува да се движи помеѓу 299.000 и 499.000 евра, а веќе се продадени првите 250 модели. Компанијата „Пал-Веј“ во моментов не прима нови нарачки, бидејќи нејзиниот сегашен произвоствен капацитет е најмногу 100 возила годишно.
Летечките автомобили се првенствено наменети за превоз на луѓе, при што приближно половина од досегашните нарачки биле од служби за итни случаи, како што се противпожарните единици, полицијата и војската. Останатите се од поединци и компании за сервисни услуги, кои треба брзо да стигнат на повик на своите клиенти.

