Најавата за изградба на Национален дата центар наиде на реакции од опозициските партии, а Владата цврсто стои на мислењето за изградба и веќе има најдено потенцијална локација каде ќе се гради. Во меѓувреме се преговара со финансиери чии имиња досега се криеја. Премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон откри дека се разговара со шест компании меѓу кои и „Рамбл“ на Крис Павловски.
Разговараме со Крис Павловски и ‘Рамбл‘ – тие сега направија аквизиција, купија компанија во Германија и сега се компанија од околу пет милијарди долари. Тоа е една сериозна групација која сериозно се развива. Меѓу другото имаме уште пет други компании со кои што разговараме, вели Мицкоски во интерју за МИА.

За критиките од опозицијата вели дека оние кои не се разбираат во висока технологија, зборуваат за бучава и за водено ладење.
Ние сега имаме и воздушно ладење, и фреонско ладење, така што жалам што се уште кај нас постојат и такви политички сили и елементи кои што се обидуваат да не вратат повторно во некои времиња на 19, почеток на 20 век, мислејќи дека на тој начин по пат на емоција ќе привлечат внимание, но мислам дека се политички губитници и ќе бидат поразени бидејќи македонските граѓани сакаат да ја видат државата како оди напред, изјави Мицкоски.
Вели дека со американската Меѓународна финансиска развојна корпорација (ДФЦ) се разговара за можно финансирање на проектите „Чебрен“ и „Галиште“, како и за други инфраструктурни и енергетски инвестиции.
Тука посебно би го издвоил пристапот со ДФЦ, финансиската корпорација за развој, каде што имав средба со Каролајн Вик, која е практично одговорна за развој и инвестиции низ светот. Финансиското портфолио е околу 200 милијарди долари. Разговаравме за можно финансирање на „Чебрен“ и „Галиште“, разговаравме и за друг тип инфраструктурни и енергетски, податочни инвестиции што би ги правела Владата, а исто така и за приватни инвестиции кои што би дошле од Америка во Македонија, посочува Мицкоски.

